Решенијата што ги најави Шукова, како што рече, „ќе почнат веднаш“ – вклучувајќи ги „Дрисла“, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор

Загадениот воздух, дивите депонии и недостатокот на зеленило се најголемиот срам од кој Скопје мора да се расчисти. Ова денеска го изјави кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, велејќи дека не станува збор за партиска тема, туку за здравствено и човечко прашање за секој граѓанин.
Шукова вели дека решавањето на овие проблеми е дел од нејзината изборна програма посветена на екологијата и животната средина.
Решенијата што ги најави Шукова, како што рече, „ќе почнат веднаш“ – вклучувајќи ги „Дрисла“, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор.
„Ќе го оградиме Вардариште, ќе поставиме 24/7 обезбедување и ќе ставиме крај на дивото фрлање и палење ѓубре. Паралелно, ’Дрисла’ ќе добие нова механизација, а процесот на управување со отпадот ќе биде под стручна и јавна контрола. Тоа го должиме на секој скопјанец“,
истакна таа на денешната прес-конференција.
Центар за селекција и рециклажа, каде ќе може 50 отсто од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија, е суштинската промена што ја најави Шукова.
„Ќе поставиме паметни контејнери, ќе промовираме селекција од домаќинствата и ќе ја отвориме економијата на рециклирање. Отпадот е ресурс – само треба некој конечно да се фати со работа, а не само со изговори“,
рече таа.
Во планот за здрава и зелена животна средина, Шукова вклучува и проект за урбано зеленило.
Најавите на Шукова се дека во првите 15 месеци од мандатот ќе има 15 нови паркови и 10 000 нови дрвја.
Таа најави и субвенции за приклучување на централно греење за домаќинствата кои сè уште се греат на дрва.
„Ние ќе го поддржиме секој граѓанин кој сака да премине на почист начин на греење. Загадувањето нема да го решиме само со апели, туку со конкретна помош и одговорна политика“,
додаде таа.
Посебно внимание, како што рече, ќе се посвети на уредувањето на кејот на реката Вардар, како нов простор за рекреација и екологија.
„Ќе воведеме екопатрола 24/7 долж Вардар, ќе уредиме пешачки и велосипедски патеки, нови зелени површини и ќе го направиме кејот гордост на Скопје. Тоа треба да биде место за дружење, не за отпад“,
рече Шукова.
Според програмата што ја презентираше, во првата година, доколку таа стане градоначалник, предвидена е изградба на 10 зелени покриви што ќе ја намалат урбаната топлина и ќе понудат нов јавен простор.
Шукова денеска, покрај делот за екологијата, презентираше и проекти од нејзината програма со ставање акцент на воведувањето брз и модерен автобуски превоз (БРТ). Меѓу приоритетите се и изградба на лунапарк и освежување на Зоолошката градина.

Шукова најави дека првата БРТ-линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде готова до 2027 година, а веќе се подготвува и оската север-југ.
„Скопје одамна чека вистински јавен превоз. Воведуваме интегриран билетен систем и приоритетни ленти, а нов мост Влае–Карпош 4 со шест ленти и патеки за пешаци и велосипеди ќе го направи транспортот побрз и поеколошки“,
истакна Шукова.
Проектот за јавен превоз вклучува и целосна обнова на ЈСП со набавка на нови еколошки автобуси, поставување дигитални табли и GPS-системи, како и воведување казни за непочитување на возниот ред.
Во рамки на сообраќајните решенија, Шукова најави и изградба на дополнителни мостови, тунели и нови раскрсници. За зголемување на безбедноста на најмладите, ќе се воведе „Зона 30“ во улиците каде што се движат деца.
Кандидатката потенцира дека приоритет ќе добијат пешаците и велосипедистите.
„Со ослободување на тротоарите и изградба на велосипедски патеки му даваме предност на пешакот и велосипедистот. Со 24/7 мобилна служба ќе се отстрануваат непрописно паркирани возила и предмети, за пешаците и велосипедистите да бидат на прво место“,
рече Шукова.