На учениците не им е дозволено да влегуваат во училишните дворови од безбедносни причини, а часовите се одложени до понатамошно известување. Полициски екипи вршат детални инспекции на училиштата и училниците, јавува РТС

Сите основни и средни училишта во Нови Пазар утрово добиле дојави за наводно поставена бомба. Дојави за бомби пристигнале и во училишта во Горњи Милановац, Белград, Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Јагодина, Врање… Наставата во првата смена во Нови Пазар воопшто не започнала, бидејќи електронската пошта со дојава за наводно поставена бомба била забележана утрово пред учениците да влезат во училниците. Децата се евакуирани, а полицијата е на терен, детално проверувајќи ги училишните објекти, јавуваат српските медиуми.
Училишта на територијата на Пријепоље утрово добиле дојава за бомба, поради што децата биле евакуирани, а полицијата спроведува истрага. Станува збор за основни и средни училишта.
Дојава за бомба имало и во основното училиште „Јован Миодраговиќ“ во населбата Врачар во Белград. Децата биле изнесени надвор. Родителите биле информирани дека децата се безбедно изнесени, дека полицијата е известена и оти се чека екипа за проверка на училиштето.
Дојава за бомба стигнала и во основното училиште „Стефан Немања“ во белградската населба Сењак.
Во Техничкото и земјоделско училиште во Ваљево утрово исто така имало дојава за бомба.
Дојава за поставени бомби пристигнала утрово и во две основни училишта во Крагуевац.
Пријави за поставени бомби пристигнале во неколку основни училишта во Нови Сад, но и на други места во Војводина, објави порталот „Мој Нови Сад“. Исти информации има и за други училишта во Нови Сад.
Исто така, дојави за бомби пристигнале и во основното училиште „Лаза Костиќ“ во Ковиљ, како и во неколку училишта во Зрењанин и Житиште.
На учениците не им е дозволено да влегуваат во училишните дворови од безбедносни причини, а часовите се одложени до понатамошно известување. Полициски екипи вршат детални инспекции на училиштата и училниците, јавува РТС.
Моментално нема потврда дали станува збор за лажна пријава или за реална закана, а ситуацијата се следи и за понатамошните чекори ќе одлучат надлежните органи.