Калас нагласи дека ЕУ веќе направи многу во однос на зајакнување на одбраната, а сега се разговара за патоказ со кој ќе бидат поттикнати земјите членки да соработуваат поблиску, да се приклучат на проекти и да ги исполнат своите обврски што ги имаат во рамките на НАТО
Последните упади на летала во воздушниот простор на Европската Унија јасно покажуваат дека хибридните напади низ Европа навистина ескалираат, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

„Како што рече и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, овде не станува збор за хибридни напади, туку за тероризам спонзориран од државата. И ние треба да бидеме многу цврсти за да одговориме на тоа“,
рече Калас пред почетокот на неформалниот Самит на ЕУ во Копенхаген.
Калас нагласи дека ЕУ веќе направи многу во однос на зајакнување на одбраната, а сега се разговара за патоказ со кој ќе бидат поттикнати земјите членки да соработуваат поблиску, да се приклучат на проекти и да ги исполнат своите обврски што ги имаат во рамките на НАТО.
Запрашана за коментар на некои експертски оценки дека реализацијата на проектот „Ѕид од дронови“ би траела повеќе години, Калас рече дека во ЕУ веќе се разговара за оваа прашање и дека се планира да се користат украинските искуства во справувањето со беспилотните летала.
Во однос на Украина, Калас рече дека ЕУ сака мир и прекин на огнот, па затоа врши засилен притисок врз Русија.
„Го предложивме 19. пакет санкции, а исто така разговараме и за заем за репарации од замрзнатите руски средства, за да можеме навистина да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани во оваа тешка ситуација“,
рече Калас.
На прашање кога може да се очекува да започне исплатата на заемот за репарации, Калас рече дека не може да даде конкретен рок, имајќи предвид дека за него се уште нема поддршка од сите земји членки, но нагласи дека ЕК се обидува тоа да се реализираа што е можно побрзо.
Калас потсети дека според планот, овој заем ќе се исплаќа од замрзнатите руски средства, а неговото враќање ќе зависи од тоа дали Русија ќе исплати репарации за предизвиканите штети со агресијата.
„Ако Русија по завршувањето на оваа војна одлучи да плати за сите штети што ги предизвика, тогаш овие средства секако ќе бидат вратени. Но, ако Русија не ѝ плати репарации на Украина, тогаш овие средства не се враќаат“,
рече Калас.
Според неа, основниот принцип на меѓународното право многу јасно вели дека мора да ги покриете штетите што сте ги предизвикале.
„Русија предизвикува огромна штета во Украина во моментов и не е во ред некој друг да плати за тоа наместо Русија. Тоа е основата на законот“,
додаде Калас.