„Во овој предмет не е само Раде. Тука се и други обвинети. Но, со оглед дека имате 20-ина прашања, а сега е веќе 14 часот и да бидеме практични, главната расправа се одложува за 9 октомври. Но, ве уверувам дека сите обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани“, рече судијата Илија Трпков

Судењето за Раде Трајковски-Штекли и за повеќе други лица што се обвинети за организирана продажба на дрога, се одложува за 9 октомври. Барањето на денешното рочиште дојде од адвокатот на првообвинетиот Штекли.
Штекли пред почетокот на денешното рочиште, како што пренесува МИА, имал некој вид епилептичен напад и паднал во судницата. По укажаната помош од лекари од Итната помош, Штекли одбил да прими терапија, а Судот донесе одлука рочиштето да продолжи да го следи од друга просторија во Судот.
„Го прегледавме. Самиот беше контактибилен и кажа дека не знае каде се наоѓа. Не сака да прими терапија, бидејќи пиел друга терапија во затвор. Не сакаше да потпише изјава дека одбил терапија“,
рече лекарката.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски пред Судот реагираше дека епилептичен напад на лице со констатирана епилепсија никако не може да биде нарушување на редот во судницата.
Според Дуковски, од почнувањето на расправата до сега Раде Трајковски ниту го навредил ниту го нарушил редот во судницата.
„Непосредно пред почетокот на главната расправа добил епилептичен напад. Обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидалните идеи. Мора да приметам дека лекарот од општа пракса од Итна помош немаше доблест да каже дали денес примил терапија, затоа што ако не примил, еден од можните исходи е ова“,
изјави Дуковски.
Адвокатот побара одложување, нагласувајќи дека не може да врши испрашување и вкрстени прашања по ваков инцидент и инсистираше да се забележи дека на одбраната не ѝ е во корист да го одолговлекува судењето.
„Не може да биде нарушување на ред одбивање на дијазепам од десет милиграми што треба да го направи тука растение и да следи рочиште. Јас не можам по ова денеска да вршам испрашување и вкрстени прашања. Затоа се обраќам до Судот да се даде датум да се изврши ова сослушување, а затворскиот лекар да види дали Штекли има примено или не денеска терапија“,
рече адвокатот.
Судијата Илија Трпков нагласи дека целта на Судот е судењето да биде економично и ефикасно и да се испочитуваат сите права на обвинетите и секако да се грижи за здравствената состојба на обвинетите.
„Во овој предмет не е само Раде. Тука се и други обвинети. Но, со оглед дека имате 20-ина прашања, а сега е веќе 14 часот и да бидеме практични, главната расправа се одложува за 9 октомври. Но, ве уверувам дека сите обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани“,
изјави судијата Трпков.
На рочиштето за овој случај што се одржа на 3 септември, вештото лице на одбраната, Ѓорѓија Хаџи Ангеловски, го процени Штекли како психотичен.
На почетокот на излагањето рече дека го посетил Штекли во затворот „Скопје“, а разговорот со него траел подолго од вообичаено.
Според него, состојбата на обвинетиот е значително променета во однос на претходното вештачење што го извршил пред седум до десет години, кога на Штекли му била констатирана епилепсија.
Додаде и дека обвинетиот е студен, афективно неангажиран, раздразлив и параноиден, што го докажува тоа дека во домот поставил камери и е убеден оти е следен.
Според вештачењето што го достави неговата одбраната, Штекли страда од растројство со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи и не е способен да ја следи судската постапка. Спротивно на тоа, Обвинителството изготвило психијатриско вештачење во кое се тврди дека тој нема ментални проблеми и е способен да учествува во судската расправа.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков, исто така, поднесоа предлог за признавање вина, по што Судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.
Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4 500 до 6 000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Снапчат (Snapchat), а клучни докази биле обезбедени преку системот за анализа на мобилни телефони „Cellebrite“, донација од САД.