Филмот ја имаше својата македонска премиера на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а светската премиера се одржа на 24 јануари на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што доби две престижни награди. На Сараевскиот филмски фестивал се одржа регионалната премиера, каде што филмот освои уште три признанија
Филмот „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски денеска ќе ја има својата македонска кинопремиера, по што ќе започне негово редовно прикажување во киносалите низ целата земја.

Филмот ја имаше својата македонска премиера на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а светската премиера се одржа на 24 јануари на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што доби две престижни награди. На Сараевскиот филмски фестивал се одржа регионалната премиера, каде што филмот освои уште три признанија.
До денес „Диџеј Ахмет“ е прикажан или селектиран на 40 фестивали во 10 земји и има освоено преку 20 награди.

Во наредниот период филмот ќе се прикажува и во Турција, во Лондон, на филмскиот фестивал во Севиља и на многу други фестивали во Франција, Белгија, Германија и САД. Филмот има обезбедена кинодистрибуција во сите европски земји, како и во Канада, Англија, Ирска, Австралија/Нов Зеланд, а во завршна фаза е и договорот за САД, со што е на пат да стане македонски филм со најголема кинодистрибуција во поновата историја.
„Диџеј Ахмет“ е драма со примеси на комедија и ја следи приказната на 15-годишниот Ахмет, тинејџер од јуручко село во Источна Македонија, кој наоѓа прибежиште во електронската музика. Во средина обележана со строги семејни очекувања и конзервативни норми, музиката станува негов простор на слобода и начин да го изрази својот идентитет. Неговиот пат кон созревање е полн со предизвици – очекувањата на таткото, традиционалната заедница и првата љубов со девојка која веќе е ветена на друг.
Главните улоги ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев и Аксел Мехмет, а во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други.
Филмот доби поддршка од Агенцијата за филм со 23,5 милиони денари, од националните фондови на копродуцентите и од паневропскиот фонд Еуримаж во висина од 160 000 евра. Снимањето на филмот се одвиваше во октомври и во ноември 2023 година во селата Коџалија и Али Коч, во близина на Радовиш, и во Скопје.