Од Уставен велат дека оформениот предмет УЗ. бр. 70/2025 е во претходна постапка и дека во тек се активности кои се предвидени за оваа фаза од постапката
Уставниот суд оформил предмет по иницијативата на политичката партија Левица, која го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори што го донесе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), а според кое оваа партија е исклучена од можноста за платено политико рекламирање и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието.

Иницијативата во петокот ја поднесе претседателот на Левица, Димитар Апасиев, а како што информираа од Судот, таа во неговите служби пристигнала во понеделникот, неделава.
Инаку, како што информира Апасиев тогаш, со иницијативата е поднесено и барање Уставен да се донесе времена мерка за стопирање на Упатството на ААВМУ.
Од Уставен велат дека оформениот предмет УЗ. бр. 70/2025 е во претходна постапка и дека во тек се активности предвидени за оваа фаза од постапката.
Бидејќи предметот е означен со „УЗ“, тоа значи дека постапката е за оценување уставност и законитост на друг пропис или колективeн договор.
Оттаму засега не можат да кажат кога предметот ќе се најде на седница, односно дали ќе се разгледува и ќе се носи одлука по итна постапка додека трае изборната кампања, додавајќи дека ќе споделат со јавноста доколку има таква најава.
Претходната постапка е уредена со членот 28 од Актот на Уставниот суд и во оваа фаза, како што се наведува во четирите става во него, судијата и советникот на кои им е доделена ги собираат податоците и известувањата што се потребни за одлучување во врска со барањето за поведување постапка.
Според ставот 3 од овој член, судијата и советникот се должни најдоцна во рок од седум дена од доделувањето на предметот во работа да започнат со преземање на потребните дејствија.
Во текот на оваа фаза од постапката, судијата и советникот може да го повикуваат секој учесник во постапката и други лица на консултативен разговор и од нив да бараат потребни известувања и објаснувања, а по потреба на доносителот на оспорениот акт да му ја достават и иницијативата.

Инаку, во следниот член 29 е уредено дека реферат за седница се поднесува најдоцна во рок од шест месеци од денот кога предметот е даден во работа. Во спротивно Судот се известува за причините за пречекорување на рокот.

Најавувајќи ја иницијативата, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во петокот рече дека бараат уште истиот ден Судот да се произнесе со време мерка за стопирање на Упатството.
Во овој контекст, Апасиев кажа дека досега имало три вакви случаи, но Уставниот суд, служејќи се, како што рече, со финта, актот го става на гласање неколку месеци подоцна и бегло констатира дека актот веќе не е во сила и нема што да оценува. Говорејќи во таа насока, тој најави дека овој случај најверојатно ќе заврши пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Вчера пратеничката група на Левица до Собранието поднесе предлог-закон за изменување на Изборниот законик, по итна постапка, а во врска со истото прашање, односно Упатството на АВВМУ со кое на Левуца ѝ се скратуваат државните пари за политичко рекламирање.
Со предлог-измените на Изборниот законик, Левица бара на сите политички субјекти да им се овозможи пристап до медиумско претставување во текот на предизборниот период поради, како што се наведува, непречено исполнување на уставната темелна вредност на политички плурализам и фер и слободни избори.

Измените што ги предлага партијата се однесуваат на членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик. Партијата бара во овие членови зборовите „двете најголеми политички партии“ да се заменат со зборовите „трите најголеми политички партии“, со што, како што посочуваат од партијата, сите парламентарни партии би се инкорпорирале во распределбата на дозволеното времетраење на медиумското претставување.
Инаку, Изборниот законик го регулира просторот кој го добиваат партиите за реклами во членот 75-ѓ. Во ставот 1 е опишано како се дели времето за платено политичко рекламирање на телевизиите и радијата.
Сублимирано, од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.
Проблемот е што во актуелниот парламентарен состав има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеника, и ЗНАМ, која има пет. Според актуелните одредби од Изборниот законик, овие две партии не влегуваат во ниту една категорија.
Прашан дали се согласува дека е апсурд што Левица со шест пратеника со Собранието останува без политичко рекламирање платено со државни пари, премиерот Христијан Мицкоски во емисијата на „360 степени“, емитувана на 29 септември на МРТ 1, изјави дека ако се изгласале измени на Изборниот законик во Собранието, тоа ќе било можност да се коригира и начинот на рекламирање за локалните избори.