За планот гласаа 55 членови на Сенатот, додека 45 беа „против“. За усвојување на буџетот е потребна поддршката од најмалку 60 сенатори од вкупно 100, колку што брои Горниот дом на американскиот Конгрес
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пред гласањето вчера се закани дека ќе ги откаже програмите поддржани од демократите и ќе отпушти повеќе федерални службеници
Владата на Соединетите Американски Држави (САД) денеска прекина голем дел од своите активности, откако Конгресот и Белата куќа не успеаја да постигнат договор за буџетот, јавуваат светските медиуми.

Блокадата на американската влада може да доведе до долг и исцрпувачки застој во нејзината работа, што, според извештаите, би можело да резултира со губење на работните места на илјадници федерални службеници.
Условно кажано, затворањето на владините служби почна откако не успеа гласањето во Сенатот за планот за финансирање на федералната влада. За планот гласаа 55 членови на Сенатот, додека 45 беа „против“. За усвојување на планот за финансирање е потребна поддршката од најмалку 60 сенатори од вкупно 100, колку што брои Сенатот.
Настанатата ситуација значи дека агенциите на американската влада ќе мора да ги прекинат сите основни активности, од воздушниот сообраќај до месечниот извештај за вработување, почнувајќи од денеска.
До неизгласувањето дојде бидејќи демократите не го поддржуваат планот на републиканците за државното трошење. Двете партии засега не покажаа знаци дека ќе ги премостат своите поделби до крајниот рок, кој истекува на полноќ, според локално време. Секој договор би требало да биде одобрен и од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, кој не заседава.
Американските буџетски застои станаа рутински бидејќи националната политика стана понефункционална. Овој пат, демократите инсистираа секој закон за трошење да содржи дополнителни субвенции за здравствена заштита, додека републиканците веруваат дека двете прашања треба да се решаваат одделно.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пред гласањето вчера се закани дека ќе ги откаже програмите поддржани од демократите и ќе отпушти повеќе федерални службеници.
„Ќе отпуштиме многу луѓе… Тоа ќе бидат демократите“,
изјави Трамп пред новинарите.

Министерството за транспорт на САД вчера соопшти дека повеќе од 11 000 вработени во федералната администрација за авијација, околу една четвртина од работната сила, ќе бидат суспендирани или отпуштени доколку се намали владиното финансирање.
Американските авиокомпании предупредија дека делумното затворање на федералната влада на полноќ по локално време би можело да ги оптовари воздухопловните сили на САД и да ги забави летовите бидејќи контролорите на воздушниот сообраќај и безбедносните службеници ќе бидат принудени да работат без плата, а другите функции ќе бидат суспендирани.
За да се одржи безбедноста на небото, повеќе од 13 000 сегашни контролори на воздушниот сообраќај ќе мора да продолжат да работат, но нема да бидат платени додека не заврши затворањето, соопшти ФАА.
Најдолгото затворање на владата во историјата на САД се случи за време на првиот мандат на Трамп, кога повеќе од пет недели во голема мера беа прекинати многу активности на федералните служби.