Планот од 20 точки на американскиот претседател, објавен вчера, предвидува целата помош веднаш да се испрати во Газа откако договорот ќе стапи во сила, без мешање и преку Обединетите нации, нивните агенции, а особено преку Црвениот крст
Обединетите нации (ОН) денеска соопштија дека и понатаму се подготвени да го зголемат протокот на хуманитарна помош во Газа веднаш штом ќе се создадат услови, по објавувањето на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за палестинската територија.

ОН во август прогласија состојба на глад во Газа, осудувајќи го систематското попречување на хуманитарната помош од страна на Израел.
Планот од 20 точки на американскиот претседател, објавен вчера, предвидува целата помош веднаш да се испрати во Газа откако договорот ќе стапи во сила, без мешање и преку Обединетите нации, нивните агенции, а особено преку Црвениот крст.
Портпаролот на хуманитарната агенција на ОН (OCHA) Јенс Ларке, нагласи дека ОН не биле вклучени во подготовката на мировниот план.
„Обединетите нации и нивните хуманитарни агенции се, секако, како и од самиот почеток, подготвени, спремни и способни што побрзо да ги зголемат испораките на помош во Газа, веднаш штом се исполнат безбедносните услови“,
рече Ларке.
Тој додаде дека помошта е подготвена и достапна за испорака преку различни агенции, наведувајќи дека средствата ги финансирале донатори, кои ќе очекуваат таа да им биде испорачана на луѓето на кои што им се неопходни.
Американскиот план, кој го поддржаа многу земји, предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците што ги држи Хамас во рок од 72 часа, разоружување на исламистичкото движење што владее со Газа од 2007 година, постепено повлекување на израелската армија, распоредување на меѓународни сили и воспоставување на привремена власт.