Мировниот план на Белата куќа за Газа, меѓу другото, предвидува крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас и враќање на сите заложници, мртви или живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел. Откако заложниците ќе бидат ослободени, Израел, според американскиот план, ќе ослободи повеќе од 1 000 палестински затвореници, вклучувајќи неколку стотици осудени на доживотен затвор
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас има околу три или четири дена да одговори на неговиот мировен предлог за Појасот Газа или ќе се соочи со последици.

На заминувањето од Белата куќа, Трамп им рече на новинарите дека израелските и арапските лидери го прифатиле планот и дека се чека само Хамас. Тој рече дека Хамас има околу три или четири дена да одговори.
„Хамас или ќе го стори тоа или нема, а ако не го стори, тоа ќе биде многу тажен крај“,
рече тој.
На прашањето дали има простор за преговори за мировниот план, Трамп рече:
„Не многу“.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, меѓу другото, предвидува крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас и враќање на сите заложници, мртви или живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел. Откако заложниците ќе бидат ослободени, Израел, според американскиот план, ќе ослободи повеќе од 1 000 палестински затвореници, вклучувајќи неколку стотици осудени на доживотен затвор.
Палестинските територии ќе бидат управувани од привремен „технократски и аполитичен“ орган кој ќе управува со секојдневните работи. Хамас ќе биде исклучен од оваа влада. Привремената влада предвидена во американскиот предлог ќе биде надгледувана од мировен комитет со кој ќе претседава самиот Доналд Трамп, а во кој би учествувал и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Планот наведува дека членовите на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот со Израел и ќе го предадат своето оружје ќе бидат амнестирани, а оние што сакаат да ја напуштат Газа ќе добијат безбеден премин до земјите што ќе им бидат одредиште.
Европските и лидерите на земјите од Блискиот Исток го поздравија мировниот план на Соединетите Американски Држави (САД) за Газа, што претседателот Доналд Трамп го претстави на вчерашната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, пренесуваат светските медиуми.
Израелската војска започна кампања во Газа како одговор на нападот предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1 200 луѓе, а 251 други беа земени како заложници.
Според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, од почетокот на војната најмалку 66 055 луѓе се убиени во израелските напади во Појасот.