Во документот поднесен од Левица се нотира дека носењето на неопходните измени на Изборниот законик е вонредно и неодложно со цел одржување успешен, фер и демократски изборен процес што, како што додаваат од партијата, е темелна уставна вредност и во согласност со препораките на меѓународната заедница
Пратеничката група на Левица до Собранието поднесе предлог-закон за изменување на Изборниот законик, по итна постапка. Потегот следува откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го донесе Упатството за радиодифузерите за локалните избори, според кое, Левица останува исклучена од можноста за платено политичко рекламирање и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието.

Со предлог-измените на Изборниот законик, Левица бара на сите политички субјекти да им се овозможи пристап до медиумско претставување во текот на предизборниот период поради, како што се наведува, непречено исполнување на уставната темелна вредност на политички плурализам и фер и слободни избори.
Во документот поднесен од Левица се нотира дека носењето на неопходните измени на Изборниот законик е вонредно и неодложно со цел одржување успешен, фер и демократски изборен процес што, како што додаваат од партијата, е темелна уставна вредност и во согласност со препораките на меѓународната заедница.
„Затоа, заради надминување на ситуацијата во која се наоѓаме и која е во спротивност со демократските вредности, предлагаме Собранието да го разгледа Предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по итна постапка“,
наведуваат од Левица.
Измените кои ги предлага Левица се однесуваат на членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик. Партијата бара во овие членови зборовите „двете најголеми политички партии“ да се заменат со зборовите „трите најголеми политички партии“ со што, како што посочуваат од партијата, сите парламентарни партии би се инкорпорирале во распределбата на дозволеното времетраење на медиумското претставување.
Инаку, Изборниот законик го регулира просторот кој го добиваат партиите за реклами во членот 75-ѓ. Во ставот 1 е опишано како се дели времето за платено политичко рекламирање на телевизиите и радијата.
Сублимирано, од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.
Проблемот е што во актуелниот парламентарен состав има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеника, и ЗНАМ, која има пет. Според актуелниот одредби од Изборниот законик, овие две партии не влегуваат во ниту една категорија.
Прашан дали се согласува дека е апсурд што Левица со шест пратеника со Собранието останува без политичко рекламирање платено со државни пари, премиерот Христијан Мицкоски во синоќешното издание на „360 степени“ изјави дека ако се изгласале измени на Изборниот законик во Собранието, тоа ќе било можност да се коригира и начинот на рекламирање за локалните избори.