Според него, во ноември, веднаш по завршување на ограничувањата поради изборите, ќе се официјализира договорот за изградба на тунелот Деве Баир – Ѓуешево
Веднаш по завршувањето на локалните избори, во ноември ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што беше договорено во јуни годинава. Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прaшање на промотивен настан на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Во јуни имавме конструктивна средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, кога првпат после речиси една година, седнавме да ги разгледаме реалните проблеми што се од инженерски карактер, а не од политички. Имајќи предвид дека средбата беше за стручна тема, не поврзана со политика, зашто градење пруга не е политика, за кратко време најдовме решение“,
рече тој.
Договорено, како што образложи Николоски, е Македонија да ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, од која првата е изградена, а втората се гради во моментов.
„Бугарија си ги презеде своите обврски, а тоа е да инвестира милијарда и половина евра по изградба, реконструкција и надградба на пругата што оди од Софија, преку Перник до Ѓуешево и да го изгради делот од Ѓуешево до границата“,
кажа Николоски.
Посочи дека за делот од пругата од Ѓуешево до границата веќе има тендери и останува целосно да се проектира тунелот, за што треба да се потпише меѓународен договор.
„Кога ќе завршат ограничувањата за изборите, истиот ќе го потпишеме“,
вели министерот.
Според него, на седница на Влада е одобрено да се работат корекциите во делот на третата фаза и сè оди по договорот, за кој се надева дека ќе се реализира и за неколку години ќе имаме железничко поврзување Скопје – Софија и пристаништето во Бургас.
„Ако сè оди како што треба од двете страни, до 2031/32 година треба да може да се патува со воз од Скопје до Бургас“,
рече Николоски.
Поврзани вести:
- Мицкоски: Започнавме со активности за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија
- Владата ќе го искористи грантот од 3,7 милиони евра за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија
- Нов тендер за третата делница од пругата кон Бугарија до крајот на годината, договорено на средба во Брисел
- Бугарија распиша тендер за последниот дел од пругата до Македонија
- Нова средба за придвижување на работите на железничкиот Коридор 8, договорија Николоски и Караџов