Кандидатот за градоначалник на скопски Центар од редовите на Движењето ЗНАМ, чија кандидатура најави дека ќе ја поддржи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рече дека проектот предвидува енергетски ефикасни, автоматизирани светилки кои се приспособуваат на природната средина и кои нема да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата
Водно не смее да згасне штом ќе зајде сонцето – порача Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ, промовирајќи го проектот „Сјајна патека“ за уредување и осветлување на пешачките патеки на Водно. Оваа иницијатива, која, како што рече Лабудовиќ, доаѓа од младите активисти и љубители на Водно, треба го направи овој реон осветлен, безбеден и достапен за граѓаните.

„Водно не смее да згасне штом зајде сонцето. ‘Сјајна патека’ не е само инфраструктурен проект, туку визија за град што се грижи за младите, за спортистите, за семејствата, за секој граѓанин. Ова е проект со кој покажуваме дека знаеме да слушаме и знаеме да делуваме. Луѓето го избегнуваат Водно по мрак. Тоа е изгубена можност за рекреација, за здрава навика, за споделено време со најблиските. Со овој проект сакаме да им го вратиме Водно на граѓаните, осветлено, безбедно и достапно“,
изјави кандидатот за градоначалник на Центар од ЗНАМ, кои денеска го промовираа проектот „Сјајна патека“.
Лабудовиќ, чија кандидатура најави дека ќе ја поддржи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рече дека проектот предвидува енергетски ефикасни, автоматизирани светилки кои се приспособуваат на природната средина и кои нема да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата.
Оцени дека недостатокот на осветлување е сериозен урбан предизвик кој директно влијае врз безбедноста, достапноста и квалитетот на јавниот простор.