Шукова истакна дека Вардариште мора сериозно да се загради, расчисти и да стане современа претоварна станица каде што собраниот отпад дополнително ќе се прераспределува и селектира пред да оди на реупотреба

Мојот план е Скопје без диви депонии, вели кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова, која денеска беше пред дивата депонија Вардариште. Таа го презентираше својот план за справување со отпадот, нагласувајќи дека отпадот мора да се третира како ресурс, а не како проблем.
Шукова рече дека локацијата на Вардариште во изминатите четири години била сериозно запуштена и не биле направени интервенции за нејзино затворање како дива депонија и враќање на нејзината првична намена – претоварна станица.
Според Шукова, Вардариште и понатаму треба да биде претоварна станица, но со нов, европски концепт.
„Што значи претоварна станица? Тоа не значи само претовар од помал во поголем камион и отпадот да заврши во ’Дрисла’. Тоа значи сериозен систем каде што ќе се селектира отпадот, ќе се преработува, секако во соработка со сите останати партнери кои се дел од овој систем, бидејќи не е само градот, не се само општините. Тука имаме соработка и со приватниот сектор, со невладиниот сектор, кои се дел од еден интегриран систем за управување со отпад“,
посочи Шукова.
Таа нагласи дека Градот мора да им понуди на граѓаните нова опрема како канти, контејнери и камиони што ќе работат исклучиво со селектиран отпад. Целта е да се спречат сегашните состојби каде селектираниот отпад завршува во истите камиони кои го носат директно на депонијата „Дрисла“.
На новинарско прашање дали локацијата може да добие нов изглед, Шукова истакна дека Вардариште мора сериозно да се загради, расчисти и да стане современа претоварна станица каде што собраниот отпад дополнително ќе се прераспределува и селектира пред да оди на реупотреба.
„Јас велам финално што помалку отпад да се депонира на ’Дрисла’. Во моментот 99 отсто од отпадот кој се собира во Скопје се депонира на ’Дрисла’. Тоа не се европски пракси и ние се стремиме кон нив и за 10-15 години да дојдеме до нула отпад, да го искористиме отпадот целосно“,
одговори Шукова.
Во однос на честите протести поради горењето на Вардариште, таа го оцени палењето на отпадот, особено пластиката, како сериозен фактор за загадување на воздухот и закана за здравјето на граѓаните.
„Ние за тоа зборувавме од првиот момент дека треба да има оградување на Вардариште, дека мора да има чуварска служба 24 часа. Постои начин како да се управува Вардариште, ставен е во мојата програма. Овој систем е комплексен, не е едноставен, но мислам дека со сериозен ангажман, со сериозни инвестиции, во краток временски рок ќе видиме напредок во делот на управување со отпад на ниво на Град Скопје“,
рече кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова.