Како што е регулирано, греењето може да почне и порано, веќе од 1 октомври, доколку средната надворешна температура прогнозирана за наредниот ден е 12 Целзиусови степени или пониска, според податоците на УХМР

Грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје официјално започнува на 15 октомври, информираат од АД ЕСМ.
Како што е регулирано, греењето може да почне и порано, веќе од 1 октомври, доколку средната надворешна температура прогнозирана за наредниот ден е 12 Целзиусови степени или пониска, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
До 15 октомври, „ЕСМ – снабдување со топлина“ секојдневно ќе објавува информации на својата веб-страница дали се исполнети условите за предвремена испорака на топлинска енергија. Ова ќе се прави врз основа на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и прогнозите на УХМР.
Од АД ЕСМ апелираат до сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска.
Завршените интервенции мора да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи со цел да се обезбеди непречено снабдување со топлина.
Исто така, додаваат од „ЕСМ – снабдување со топлина“, од исклучителна важност е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за струја и функционална електрична инсталација.
Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „затворени објекти – ЕСМ снабдување“.
За сите информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, достапни се телефонските броеви на Центарот за грижа на потрошувачи: 02 3076 200 и 075 400 100.