Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 29 септември 2025 г. на МРТ 1, во кое донесуваме одделни разговори со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче
Во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, на почетокот на кампањата за локалните избори закажани за 19 октомври, објавуваме одделни получасовни интервјуа со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Мицкоски очекува меѓу 45 и 50 градоначалнички места за неговата партија, а за СДСМ вели дека ќе освои меѓу нула и шест градоначалници. За Филипче, лажни се анкетите што покажуваат мала поддршка за неговата партија, а ВМРО-ДПМНЕ е во паника поради загубата на 100 000 гласа споредено со ланските парламентарни избори. Двајцата лидери ги прашуваме и колку гласови ќе освојат на советничките листи, како ќе се однесуваат во општините во кои немаат свои кандидати за градоначалници (Чаир, Тетово, Струга…), какви избори очекуваат во Скопје, што ќе се случи во Струмица каде две децении локалната власт ја држат социјалдемократите, каков е ефектот од финансирањето проекти за општините со пари од унгарскиот кредит… Премиерот го прашуваме и дали, сепак, има околности под кои следната година би имало предвремени парламентарни избори, а Филипче – може ли по локалните избори да се отвори прашањето за негово останување/заминување од претседателската позиција во СДСМ.