„Еден од клучните проекти што веќе ги најавив е враќањето и модернизацијата на БРТ-системот, како брз, ефикасен и одржлив јавен превоз, што Скопје одамна го заслужува. И додека тие се обидуваат да рециклираат идеи што до вчера ги саботираа, скопјани добро знаат кому можат да му веруваат“, вели кандидатката за градоначалничка од СДСМ
Лицемерно е оние што четири години го блокираа БРТ (бас рапид транзит) во Град Скопје, сега да го нудат како решение, вели Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на главниот град од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) по вчерашната најава на лидерот на владејачката партија и премиер Христијан Мицкоски дека не се откажуваат од изградба на овој проект.

Според неа, иако таа изминатите недели го промовира БРТ-системот како дел од програмата за градоначалничката кандидатура, синоќа истиот проект го најави и лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како дел од програмата на нејзиниот противкандидат Орце Ѓорѓиевски.
„Еден од клучните проекти што веќе ги најавив е враќањето и модернизацијата на БРТ-системот, како брз, ефикасен и одржлив јавен превоз, што Скопје одамна го заслужува. И додека тие се обидуваат да рециклираат идеи што до вчера ги саботираа, скопјани добро знаат кому можат да му веруваат“,
вели таа.
Посочи дека е добро тоа што ВМРО-ДПМНЕ разбираат дека Скопје има потреба од реални решенија, но оти исто така граѓаните знаат кој во минатото ги кочеше овие проекти.
„Идеите можат да се копираат, но капацитет, кредибилитетот и чесноста не се копираат. Скопје не смее да стане заложник на предизборни пресвртни лаги. Скопје заслужува лидер со визија, а не маркетиншки кампањи без покритие“,
кажа Шукова.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ најави дека не се откажуваат до изградба на БРТ во Скопје, но со модификации во проектот.
„Од тој не се откажуваме, но ќе биде модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса, зборувам за трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши до Ѓорче Петров, цениме дека треба да биде продолжена најмалку до Сарај и да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север-југ, којашто треба да ги поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево“,
вели тој.
Според него, за овој проект потребен е заем, а потоа заедно со кредиторот да се измени техничкото решение.