За земјите кои нема да постигнат договор со САД, прогласот најавува дополнително зголемување на царинските стапки почнувајќи од 1 јануари, и тоа 30 отсто за тапацирани дрвени производи и 50 проценти за кујнски и тоалетни елементи

Американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување нови, значително високи тарифи за увозот на дрво, дрвена граѓа и мебел, продолжувајќи го својот тарифен напад кон глобалните трговски партнери.
Според прогласот, ќе се воведат тарифи од 10 отсто за увезено дрво и дрвена граѓа, како и давачки од 25 проценти за кујнски и тоалетни елементи и тапациран мебел.
Новите давачки стапуваат на сила на 14 октомври.
Оваа акција е прва во серијата нови давачки што Трамп минатата недела најави дека ќе бидат насочени кон три сектори, вклучувајќи ги и патентираните фармацевтски производи и увозот на тешките камиони.
Претседателот Трамп потпиша претседателски проглас, користејќи го Член 232 од Законот за трговија од 1974 година како правна основа. Прогласот, како што пишува Ројтерс, аргументира дека увозот на овие производи ја „еродира националната безбедност на САД“.
Во прогласот на Трамп се вели дека увозот на дрвени производи ја ослабува економијата на САД, што резултира со постојана закана од затворање на дрвни фабрики и прекини во синџирите на снабдување со дрвени производи и намалување на искористеноста на домашната дрвна индустрија во САД.
Во прогласот, Трамп рече дека тарифите за дрво се неопходни за да се зајакнат локалните индустрии на Америка и да се поддржи националната безбедност.
„Според моја проценка, дејствијата во овој проглас, меѓу другото, ќе ги зајакнат синџирите на снабдување, ќе ја зајакнат индустриската отпорност, ќе создадат висококвалитетни работни места и ќе го зголемат искористувањето на домашните капацитети за дрвени производи, така што САД ќе можат целосно да ја задоволат домашната потрошувачка, а истовремено ќе создадат економски придобивки преку зголемен извоз“,
вели Трамп.
За земјите кои нема да постигнат договор со САД, прогласот најавува дополнително зголемување на царинските стапки почнувајќи од 1 јануари и тоа 30 отсто за тапацирани дрвени производи и 50 проценти за кујнски и тоалетни елементи.
Вчера, американскиот претседател најави воведување и 100 отсто царини за сите филмови направени надвор од земјата.
Освен за филмовите, како што пишува Си-ен-ен, Трамп подготвува и низа други царини.
Од среда администрацијата треба да воведе царина од 100 отсто за лекови со брендирани производи, со некои исклучоци и царина од 25 отсто за тешки камиони.