Филипче, на граѓанска трибина во Крушево ја најави победата на актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Томе Христоски, за негов трет мандат

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) изборната кампања за локалните избори, закажани за 19 октомври, ја започна со граѓански трибини во Демир Хисар, а потоа и во Крушево, на кои присуствуваше и лидерот Венко Филипче.
За кандидатот на СДСМ за Демир Хисар, Златко Кузмановскил, Филипче, рече дека е нова страница за Демир Хисар, страница на развој, можности и напредок.
„Тој ќе биде постојано на терен, меѓу граѓаните, секогаш подготвен и достапен и секогаш подготвен да слушне и да решава. Тој ја познава секоја мака на оваа општина и има волја и план да се справи со сите проблеми тука во Демир Хисар“,
рече Филипче укажувајќи дека Кузмановски е човек кој ја заслужува довербата да ја води Општина Демир Хисар.
Филипче, на граѓанска трибина во Крушево ја најави победата на актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Томе Христоски, за негов трет мандат.
Филипче нагласи дека Христоски во изминатите два мандати го претворил Крушево во „вистински пример за локален развој и функционална општина“.
Филипче рече дека Крушево е препознатлив бренд на развој, чиста животна средина, култура и туризам“. Како доказ за успешноста, тој посочи на 68 реализирани капитални и локални проекти во изминатите осум години.
„Томче успеа да го направи тоа што пред повеќе години изгледаше дека е невозможно, Крушево на светската спортска и туристичка мапа… Томе повторно ќе биде тука за вас, крушевчани – со отворени врати за секој ваш проблем и за сè што значи подобра, поуредена и пофункционална општина“,
порача Филипче.
Најавувајќи го продолжувањето на развојот, Филипче ја претстави новата четиригодишна програма, која вклучува инфраструктурни инвестиции во образованието и спортот, изградба на ново полетувалиште „Црн Врв“ со два терени за параглајдинг и нови планински и велосипедски патеки.
Филипче ги повика граѓаните да гласаат за бројот 5 за да продолжи напредокот на Крушево.
Нагласи дека Крушево заслужува уште повеќе, приказната за Крушево, кое е симбол на заедништво, храброст и напредок мора да продолжи.
Кандидатот Христоски, на граѓанската трибина ја потврди довербата што ја градел изминатите години и побара поддршка за трет мандат, нагласувајќи дека „Крушево е симбол на заедништво, напредок и визија“.
Во своето обраќање, Христоски детално се осврна на „вистинската трансформација“ на општината, потенцирајќи ги реализираните проекти од комуналната инфраструктура до туризмот.
Најавувајќи голем исчекор во развојот на Крушево, Христоски ги претстави клучните проекти за следниот мандат.
„Во наредниот период ќе ја започнеме обиколницата околу Крушево за да го растовариме сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и да го намалиме загадувањето. Ново полетиште ќе имаме на ‘Црн Врв’ со два терени за параглајдинг и нови планински и велосипедски патеки со дигитална мапа. Спортско-рекреативен центар „Гумење“, ќе биде еден од најголемите и најубавите паркови во Пелагонскиот регион. Интегрирано управување со отпадот, решавање на проблемот со депонијата и нови системи за стабилно водоснабдување и чиста вода“,
рече Христоски.
Тој најави и субвенции за сите средношколци, финансиска поддршка за секое новороденче и поддршка за ранливите категории преку помош во домот.
„Ова не е само програма. Ова е визија. Ова е животна шанса за секој од нас. Разликата е јасна – каде беше Крушево до 2017 година и каде е денес. Денес е модерен град, гордост и симбол на Македонија“,
нагласи Христоски повикувајќи ги граѓаните од сите етнички заедници да гласаат за „сигурниот пат“.