Заинтересираните граѓанските организации треба електронски да ги пријават своите претставници за обуката, на следната е-адреса: [email protected], најдоцна до 30 септември 2025 година

Државната изборна комисија (ДИК) упати јавен повик за едукација за процесот на набљудување на изборите од страна на граѓански организации кои ќе изразат интерес да ги набљудуваат изборите за градоначалници и членови на советите на општините и Градот Скопје, 2025 година.
Организацијата на обуката е дел од програмата за едукација на други чинители во изборниот процес за 2025 година, на Државната изборна комисија.
ДИК ги повикува сите заинтересирани граѓански организации, кои се регистрирани согласно со закон, најмалку една година пред денот на одржувањето на изборите, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права и кои изразуваат интерес да ги набљудуваат претстојните избори, да учествуваат на обуката организирана од страна на Државната изборна комисија.
Секоја граѓанска организација може да номинира најмногу двајца претставници кои ќе учествуваат на обуката. Во пријавата треба да се достави име и презиме на лицата кои ќе присуствуваат на обуката, мејл и контакт-телефонски броеви.
Обуката ќе се одржи на 03 октомври 2025 година (петок), од 10 до 12:30 часот во хотелот „Парк“, Скопје.
Заинтересираните граѓанските организации треба електронски да ги пријават своите претставници за обуката, на следната е-адреса: [email protected], најдоцна до 30 септември 2025 година.
Бројот на учесници на обуката е ограничен на 30.
Инаку, денеска почна изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври, во рамките на која партиите и независните кандидати ќе имаат можност да ги претстават своите програми пред гласачите.
Ќе се гласа на 3 480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.