„Тоа не е концепт што може да се реализира во следните три или четири години. Мора да размислуваме и да дејствуваме според приоритетите, а мислам дека има и други“, вели германскиот министер

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја отфрли идејата за создавање т.н. „ѕид за дронови“ за заштита на земјите од Источна Европа од руските воздушни напади и додаде дека тоа во моментов не е врвен приоритет.
„Многу ја ценам идејата за ‘ѕид за дронови’, но треба да обрнеме внимание на приспособувањето на нашите очекувања. Тоа не е концепт што може да се реализира во следните три или четири години. Мора да размислуваме и да дејствуваме според приоритетите, а мислам дека има и други. Потребни ни се поголеми можности и поголеми капацитети“,
рече Писториус за време на своето обраќање на Варшавскиот безбедносен форум, пренесува бриселски „Политико“.
Како приоритети тој ги наведе флексибилните процеси на развој и набавката, за да можат да ја следат брзината со која се развива технологијата.
„Одбрана од дронови – да, но не со ѕид за дронови“,
рече тој.
Планот за „ѕид за дронови“ ќе биде на дневен ред на неформалниот состанок на европските лидери в среда во Копенхаген.
Според холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс, како што пишува „Политико“, и покрај загриженоста за прекумерна посветеност на „ѕид за дронови“, земјите од ЕУ и НАТО треба брзо да развијат и да купат технологија против дронови.
„Сите треба да инвестираме во поефикасни системи за борба против беспилотни летала за да го заштитиме целото источно крило. Треба да соработуваме со Украина и да бидеме многу побрзи отколку што сме во моментов. Зборуваме за месеци, па дури и години: немаме време бидејќи упадите со беспилотни летала веќе се тука“,
нагласи холандскиот министер.
Најавите за „ѕид за дронови“ доаѓаат откако беспилотни летала го нарушија воздушниот простор на Полска, Романија, Данска и Норвешка во изминатите недели, а руски борбени авиони го преминаа воздушниот простор на Естонија пред да бидат пресретнати.
Минатата недела комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, беше домаќин на состанок со земјите од источниот брег за да разговараат за ѕид за дронови.
Ѕидот, како што го опишува Кубилиус, всушност, треба да претставува ефикасен систем за откривање кој ќе вклучува радари и акустични сензори, како и средства за пресретнување и за уништување на дроновите што би навлегле во воздушниот простор на засегнатите држави.