„Ново паметно решение, кое ќе значи нова опрема и ГПС-комуникација со опремата во Скопје, односно да знаеме во реално време дали ни се полни контејнерите и кога треба да се празнат“, најави кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ
Еден од горливите проблеми на скопјани – кабастиот отпад – мора итно да се реши, така што ќе биде формирана нова служба во Градот само негово собирање, најави денеска Каја Шукова, кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), на првиот ден од кампањата за локалните избори при посетата на депото во Општина Центар, каде што се наоѓаат возилата со кои се собира сметот во оваа општина.

„Нема да има доцнење во собирањето на отпадот во градот. Сега со денови никој не го собира отпадот покрај контејнерите. Затоа, најавуваме посебна градска служба, која секојдневно ќе го собира кабастиот отпад низ општините“,
вели таа.
Најави и дека во програмата е предвидена набавка на двојно повеќе контејнери и канти за складирање отпад, како и нови возила, оти сегашните се во лоша состојба.
Според неа, ќе биде понуден и ефикасен систем кој ќе има и функции за селектирање и намалување на количините на отпад, како и расчистување на дивите депонии.
„Зборуваме за ново паметно решение, кое ќе значи нова опрема и ГПС-комуникација со опремата во Скопје, односно да знаеме во реално време дали ни се полни контејнерите и кога треба истите да се празнат“,
кажа таа.
Тоа што таа го нуди за Скопје додаде дека не е предизборна реторика, туку реален, конкретен и остварлив план за долгорочно решение за чисто Скопје.
„Скопје е нашиот дом. И конечно, ќе почне да личи на тоа“,
кажа Шукова.