На прашањето дали е можно СДСМ отворено или затскриено да се поддржува со ДУИ, односно „Националната алијанса за интеграција“, Венко Филипче децидно отфрли таква можност

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 19 октомври, решиле да ги оптимизираат капацитетите и во општините во кои немаат шанси да освојат градоначалничко место, како Тетово, Струга и Чаир, наместо со кандидат за градоначалник да одат само со квалитетна советничка листа.
Филипче додаде дека за потенцијална поддршка на кандидати за градоначалник од другите партии ќе разговараат во пресрет на вториот круг од изборите на 2 ноември.
„360 степени“: Ако нема втор круг? Сега како ќе се постават вашите луѓе?
Филипче: Ќе работат исклучиво за интересот на партијата. Да се промовираат носителот на листата, кандидатите за советници и нашата програма. А секаде е изготвена програма, вклучувајќи и таму каде што немаме кандидати за градоначалници, зашто ќе се борат во општините преку советите, врз основа на реалните потреби на граѓаните, врз основа на тоа што е или не е сработено во минатото, на еден широк, инклузивен начин, слушајќи ги пораките од самите граѓани во многу честа, интензивна комуникација изминатиот период.“
На прашањето дали СДСМ има некаков совет или порака кого гласачите да поддржат во општините во кои СДСМ нема свој кандидат за градоначалник, Филипче рече дека нема политички договор во пресрет на првиот круг од изборите.
На дополнителното прашање дали е можно СДСМ отворено или затскриено да се поддржува со ДУИ, односно „Националната алијанса за интеграција“, Филипче децидно отфрли таква можност.
„Не. Засега не, и затоа кажав дека овој контекст и тие политички потенцијални коалиции и соработки ќе ги разговараме и ќе ги дебатираме во пресрет на вториот круг. Во првиот круг само за нашите политики, а граѓаните ќе гласаат за тој за којшто сметаат дека треба да се гласа. Значи, нема политичка коалиција со, во овој момент, во пресрет на првиот круг, со ниту една партија или блок во делот на албанските партии“,
вели Филипче.