„Недостигот на специјалисти е огромен проблем што се продлабочува. Граѓаните треба да чекаат лекари од странство привремено да дојдат за да може да се направи операција, или се принудени да одат на приватните клиники што им се недостижни“, соопшти на денешната прес-конференција Елена Радеска од Комисијата за здравство на опозициската партија
Поради недостиг на стручен кадар на Клиниката за кардиохирургија не се извршуваат оперативни зафати. Тоа го признава и актуелниот министер за здравство. Ова денеска го соопштија од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), посочувајќи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема решение за катастрофалната состојба во здравството.

„Неспособноста на власта создаде таков хаос, да болниците остануваат без лекари, а пациентите сами со својата мака. Недостигот на специјалисти е огромен проблем што се продлабочува. Граѓаните треба да чекаат лекари од странство привремено да дојдат за да може да се направи операција, или се принудени да одат на приватните клиники што им се недостижни“,
рече на денешната прес-конференција Елена Радеска од Комисијата за здравство во СДСМ.
Таа обвини и дека оваа власт секојдневно покажува и докажува дека работи само за големите приватни болници, додека целиот здравствен систем тоне во хаос, а за граѓаните ништо не се прави.
„Министерот за здравство наместо за доброто на јавното здравство, на болниците, клиниките, здравствените установи како да работи само за доброто на приватните болници“,
вели таа.
Според неа, уште еден пример за неспособноста и негрижата за пациентите е и тоа што пропадна тендерот за набавка на факторите за коагулација.
„Наместо да се обезбеди рекомбинантен фактор 8, тендерот пропадна. Сега се користат плазматски и препарати од четврта генерација. Трошокот е енормен, а пациентите се оставени во страв дали ќе имаат терапија“,
кажа Радеска од СДСМ.
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена рече дека во главниот советнички тим на министерот за здравство има лекари од приватни болници, коментирајќи ја состојбата во ресорот со кој тој раководеше во минатата влада.
Поради тоа упати прашање до актуелниот министер за здравство Азир Алиу – за кого крои политики, за доброто на јавното здравство или за приватните болници, токму под влијание на неговите најблиски советници.