При овој напад, најмалку четири лица, меѓу кои и 12-годишно девојче, загинаа, а оштетена беше и цивилна инфраструктура

За време на синоќешниот голем напад на руските сили врз Киев, погодена е и зградата на полското амбасадорство во главниот град на Украина, потврди портпаролот на полското Министерство за надворешни работи.
Портпаролот Павел Вронски за полски медиум изјави дека „дел од проектил или ракета со мал калибар“ паднал на покривот на зградата и го пробил.
Остатоците завршиле во кујната на амбасадата, но Вронски нагласи дека штетата не е голема и дека, за среќа, нема повредени.
При овој напад, најмалку четири лица, меѓу кои и 12-годишно девојче, загинаа, а оштетена беше и цивилна инфраструктура.
Само во областа на Киев и околината беа пријавени најмалку 36 повредени, додека сите четири смртни случаи беа регистрирани во главниот град.
Според претседателот Володимир Зеленски, Русија во овој напад лансирала речиси 500 дронови и повеќе од 40 проектили.
За потсетување, не е првпат странски амбасади да бидат оштетени во напади врз главниот град Киев. Во декември 2024 година, кога проектил погоди зграда каде што се наоѓаа, беа оштетени амбасадите на Албанија, Аргентина, Палестина, Северна Македонија, Португалија и на Црна Гора.