Родителите рекоа дека бараат да се стави крај на одолговлекувањето на случајот и да се овозможи вистинска правда, оценувајќи ја трагедијата за најголемо масовно убиство во Македонија
Семејствата на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ на денешниот „Марш на ангелите“ се обратија до обвинителите и судиите барајќи итни одговори за напредокот на постапките во врска со трагедијата.

„Срамота е да чекаме шест месеци додека обвинителството и судството играат на време. Бараме одговори сега – од ОЈО ГОКК до каде е постапката против вработените во МВР, кога ќе го оформите обвинителниот акт. До судиите во Кривичниот суд – ќе ја донесете ли оценката на обвинителниот акт или ќе застанете зад политичките интереси“,
изјавија родителите.
Порачаа дека повеќе нема да бидат трпеливи и дека доколку до 3 октомври не добијат официјален одговор од институциите, до кои, како што рекоа, доставени се барања и во писмена форма, повеќе нема да има мирни маршеви туку блокади и протести. Родителите рекоа дека бараат да се стави крај на одолговлекувањето на случајот и да се овозможи вистинска правда, оценувајќи ја трагедијата за најголемо масовно убиство во Македонија.
„Ова не се заднински политички влијанија на некои партии – ова сме ние, нашиот бес, нашата тага и револтот против системот, кон владејачките структури кои постојано се обидуваат да го релативизираат нашиот револт за да добијат време во своја корист за да ја спроведат својата селективна правда наместо вистинската правда“,
порачаа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
До трите власти во државата упатија повик да работат одвоено и да овозможат правичност.