Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека Тодоровски останува симбол на посветеноста и пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник, човек кој својот живот го ставил во служба на заштитата на другите
Во кругот на Полициската станица во Пробиштип утринава беше откриена спомен-бистата на Тоше Тодоровски – полицаецот кој загина во пожарот во кочанската дискотеката „Пулс“.

Покрај семејството и колегите на загинатиот полицаец, на откривањето на спомен-бистата присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
„Нашиот храбар колега Тоше Тодоровски го загуби својот живот извршувајќи службена задача во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тоше не загина залудно, загина спасувајќи млади човечки животи. Вечна слава и благодарност за Тоше. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно“,
порача Тошковски.
Министерот додаде дека Тодоровски останува симбол на посветеноста и пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник, човек кој својот живот го ставил во служба на заштитата на другите.