Претседателката пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк укажа на искуството на балтичките земји кои во процесот на евроинтеграција најголемата поддршка ја добија од своите соседи – скандинавските земји и станаа членки, за разлика од земјите од Западниот Балкан каде што се појави ветото

Патот на нашата држава кон Брисел наликува на маратон, за кој понекогош мислам дека може да се прашаме „дали го чекаме Годо“. Ние го започнавме нашиот маратон во 2005 година, кога ни беше даден кандидатскиот статус. Денес често се користи синтагмата дека Европа е незавршена симфонија без Западниот Балкан, а интересот за регионот порасна пред три години кога, за жал, почна војната во Украина, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк каде што одржа предавање во рамки на Светскиот лидерски форум.
„Ние, луѓето од Балканот, секогаш сме се сметале за Европејци бидејќи секогаш сме биле географски, историски и особено културно дел од Европа. Сега процесот на проширување е повторно на агендата на ЕУ, но не поради поголема Унија туку поради стабилноста, безбедноста. И ова е добра шанса за нас да бидеме на агендата по не знам кој пат, и да го зграпчиме моментумот. Но, во изминатите 30 години ние се обидовме да го зграпчиме моментумот многупати, а резултатот е 36 амандмани на нашиот Устав“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа укажа на искуството на балтичките земји кои во процесот на евроинтергација најголемата поддршка ја добија од своите соседи – скандинавските земји и станаа членки, за разлика од земјите од Западниот Балкан каде што се појави ветото.
„Сметам дека ЕУ треба да ја преиспита својата позиција бидејќи дури и ЕУ денес е во криза. Претходно таа беше синоним за демократија, за владеење на правото, но денес не е така. Денес се соочуваме со криза на лидерство. Можеби односот помеѓу членките на ЕУ и земјите кандидати како нас е погрешен, бидејќи тоа е едноставно однос „слушај и направи“ затоа што вие сте тие кои сакате да ни се придружите. Правилата се јасни, тие се одлични, познати се како Копенхашки критериуми, но ветото не е дел од Копенхашките критериуми“,
истакна Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека проблемот со ветото во нашиот случај е што тоа не се заснова на почитувањето на Копенхашките критериуми, туку на барањата кои доаѓаат од нашиот сосед кои немаат ништо со овие критериуми.
„Во Договорот за ЕУ, во Лисабонскиот договор, во Повелбата за основните права ќе прочитате дека ЕУ е горда што претставува единство на различностите и дека ги почитува културниот и националниот идентитет на нациите и државите, и ветото се однесува на овие области. Би го разбрала ветото доколку не го почитуваме владеењето на правото, но не и за работи кои се ад акта во едно демократско општество, како што е идентитетот кој е наше право на самоопределување. Нашиот легитимитет произлегува од граѓаните, ако го смениме Уставот поради волјата на некои земји членки, тогаш во Преамбулата би требало да напишеме ‘ние народот и меѓународната заедница’, а тоа не е во ред“,
оцени претседателката.
Во контекст на ООН, таа го повтори својот став дека се потребни длабоки реформи во светската организација и оти можеби е време првпат по 80 години од нејзиното постоење жена да биде избрана за генерален секретар.
Потребна е, додаде, и промена на процесот на одлучување во ОН кој треба да ги превенира конфликтите, а не да дејствува пост фестум.
„Сè уште верувам во ОН, тие сè уште уживаат легитимитет. Но, понекогаш ме потсетуваат на Лигата на народите која заврши многу лошо. Не смееме да го дозволиме тоа, ајде да направиме нешто да продолжиме по патот што го поставија основачите со почитување на Повелбата, на меѓународното право, на почитување на судските пресуди. Во спротивно, го губиме времето, ја губиме битката. Без мир нема да може да ги реконструираме ОН“,
рече Сиљановска-Давкова во обраќањето пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.