Вицепремиерот додаде дека при решавањето на проблемот било откриено оти изминатите седум години радарот работел само со еден канал, а сега, благодарение на ангажманот на повеќе владини ресори и активната работа на раководството на М-НАВ и стручните лица од Навигација, двата канали се во функција
Радарот на скопскиот аеродром е повторно ставен во функција, соопшти денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, додавајќи дека проблемот бил решен во рекордно време за само три дена.

Дека радарот, кој беше расипан изминатите денови, е поправен и вклучен во системот на контролата на летање, потврдија и од Македонската навигација (М-НАВ).
Информацијата за радарот Николоски ја сподели одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Кавадарци. Тој наведе дека станува збор за радар стар 27 години, за кој надлежните, како што кажа, со чудо успеале да најдат резервни делови и повторно да го стават во функција.
Изминатите три дена додека се решавал проблемот со радарот, според Николоски, не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот на скопскиот аеродром, а за тоа, како што кажа, говори и тоа што ниту една авиокомпанија во овој период не ги откажала летовите.
„Од утрово имаме целосно функционален радар на скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Би сакал да кажам дека проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена“,
рече Николоски.
Вицепремиерот додаде дека при решавањето на проблемот било откриено оти изминатите седум години радарот работел само со еден канал, а сега, благодарение на ангажманот на повеќе владини ресори и активната работа на раководството на М-НАВ и стручните лица од Навигација, двата канали се во функција.
Притоа, тој изрази благодарност и до контролата на летање од Бугарија и на италијанската Влада, кои помогнале во решавањето на проблемот.
Инаку, расипаниот радар на скопскиот аеродром, за кој во неделата објавија дел од медиумите, изминатите три дена беше повод за меѓусебни препукувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за тоа кој е виновен за случајот. Двете партии разменија обвинувања дека вработувањето партиски кадри и непрофесионалното постапување довело до сериозниот проблем.
Вицепремиерот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, и денеска ја прозва опозицијата, за која рече дека мора да биде внимателна кога изнесува информации во јавноста, кои се од безбедносен карактер и со кои може да се створи паника меѓу населението.
„Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена, и гледате, најнормално полетуваа и слетуваа авиони на аеродромот во Скопје од сите авиокомпании“,
рече Николоски.
Според него, суштинското прашање е зошто тој радар е стар 27 години.
„За него престанале да се произведуваат делови пред седум години, односно на 20-тата година од инсталирањето на радарот веќе не се произведуваат резервни делови и навистина е чудо како успеавме да најдеме резервни делови. Во исто време сакам да прашам зошто претходната влада на СДСМ не го инсталираше, не го монтираше целосно новиот радар којшто е пристигнат во Скопје од компанијата ‘Леонардо’ и стои немонтиран“,
рече вицепремиерот.
Тој најави дека на следната владина седница во вторник ќе биде донесена одлука за монтирање на новиот радар.
Од Македонска навигација (М-НАВ) попладнево соопштија дека вчера во 16:40 часот, нивниот стручен тим успешно го отстранил дефектот на дел од електрониката на радарската глава – Бањски рид.
Меѓутоа, како што додадоа оттаму, радарот бил вклучен во системот за контролирање на воздушниот сообраќај на македонското небо денеска напладне бидејќи морал да помине низ неопходните тестирања.

Од М-НАВ уште еднаш потврдуваат дека за временскиот период додека радарската глава – Бањски рид била нефункционална, во ниту еден момент безбедноста на воздушниот сообраќај не била доведена во опасност.
Единствено, велат оттаму, бил намален протокот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ со цел да се испочитуваат меѓународните стандарди кои се применуваат во вакви услови на работа.
„Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје ве уверува дека информациите кои беа споделени со јавноста од страна на некомпетентни лица, се комплетно неточни и беа искористени со цел да се претстави погрешна слика за работењето на Друштвото, за купување политички поени или нанесување на политичка штета во пресрет на изборната кампања. Ние како професионалци се оградуваме од ваквиот начин на информирање на јавност која пред сè влева неоснован страв кај граѓаните, нанесува штета на државата и дополнително негативно влијае врз довербата која ја имаат граѓаните кон институциите“,
се вели во соопштение од М-НАВ.