Министерот за здравство апелираше сите граѓани кои имаат кашлица, главоболки и отежнато дишење, да се пријават за скрининг
Во Трубарево денеска денеска ќе продолжи дводневниот лекарски скрининг на населението, што го спроведува Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија, по страшниот пожар што изби во фабриката „Ф-групација“, каде што гореше електричен и електронски отпад.

Според првичните податоци од терен, на двата пункта, вчера биле прегледани вкупно 111 лица – 56 лица на Пункт 1 и 55 лица на Пункт 2. Како што соопштија од Министерството за здравство, пациентите биле во генерално добра здравствена состојба, но кај 11 лица било утврдено присуство на иритации и надразнување во грлото, поради што биле упатени на дополнителни испитувања во Клиниката за пулмологија.
Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет, со цел да се утврди здравствената состојба на локалното население по големиот пожар во Трубарево на 13 септември.
Министерот за здравство Азир Алиу синоќа во телевизиско гостување кажа дека граѓаните кои се пратени на дополнителни пулмолошки испитувања се повозрасни.
Алиу апелираше сите граѓани кои имаат кашлица, главоболки и отежнато дишење, да се пријават за скрининг.
„Целта е да ги опфатиме сите граѓани кои мислат дека треба да поминат скрининг или ако чувствуваат некакви симптоми како кашлица, главоболки, отежнато дишење. Тие граѓани би ги замолил да се пријават уште вечерва за скрининг. Добро е порано да се детектираат здравствените проблеми, за да ги третираме“,
истакна Алиу.
Според Протоколот, скрининг треба да се направи уште два пати, по три и по шест месеци, за да се види ефектот од загадувањето по пожарот.