Исто така, и три други помали аеродроми во јужниот регион на земјата – Есбјерг, Сендерборг и Шкридструп – пријавиле активност на дронови, но тие не биле затворени

Аеродромот во Алборг, град што се наоѓа во северниот дел од Данска, е затворен за сообраќај откако неидентификувани дронови биле забележани во воздушниот простор, пишува Би-би-си според информации од локалните власти.
Три други помали аеродроми во јужниот регион на земјата исто така пријавиле активност на дронови – Есбјерг, Сендерборг и Шкридструп, но тие не биле затворени.
Според полицијата, дроновите по првпат биле забележани синоќа околу 21:44 часот и останале во воздушниот простор до по полноќ.
Полицијата соопшти дека уредите може да се видат од земја, додавајќи дека не можат да ја исклучат можноста дека активноста е шега. Тие истражуваат кој ги контролирал и со какви мотиви.
Drone disruption hits Denmark again tonight.
— Holly Wood (@thatuapgirl) September 24, 2025
Aalborg Airport airspace shut down after drone sightings.
Flights diverted. Police + Armed Forces coordinating.
2nd major Danish airport closure this week.
If drones can repeatedly shut Europe’s skies… who’s really behind them? 👀… pic.twitter.com/tNudY5Dm89
Најмалку три лета биле пренасочени од аеродромот во Алборг, а официјални лица велат дека инцидентот влијаел и врз активностите на данските вооружени сили, бидејќи аеродромот се користи и како воена база.
Полицијата на Северен Јитланд издаде соопштение во кое се вели дека внимателно ја следат ситуацијата во Алборг, но оти не можат да објаснат колку дронови биле вклучени.
„Сè уште не можеме да коментираме за целта на дроновите што летаат во областа, ниту, пак, можеме да кажеме ништо за тоа кој стои зад тоа. Доколку добиеме можност, ќе ги собориме дроновите“,
рече главниот инспектор Јеспер Бојгард Мадсен.
Затворањето на овој дански аеродром доаѓа два дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради појавување на дронови, што ја потресе европската авијација.
Данската национална полиција соопшти дека дроновите забележани околу Алборг следеле сличен модел како оние што ги запреа летовите на аеродромот во Копенхаген.
На почетокот на оваа недела, освен околу аеродромот во Копенхаген, дрон бил забележан во близина на главниот аеродром во Осло кој исто така неколку часа беше затворен, а летовите беа пренасочени.
Европа е во состојба на висока готовност откако неколку земји членки на НАТО пријавија упади од руски дронови во нивните воздушни простори.
Вчера министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус рече дека руски воен авион прелетал над фрегата на германската морнарица во Балтичкото Море и го оцени инцидентот како уште една провокација од Москва.
Минатата недела, Естонија и Полска побараа консултации со други членки на НАТО, откако Русија беше обвинета за нарушување на нивниот воздушен простор во одделни инциденти.
Романија, друга членка на НАТО, исто така рече дека руски беспилотни летала го нарушиле нејзиниот воздушен простор.
Министрите за надворешни работи на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) одржаа состанок на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничка изјава ги осудија руските упади на териториите на членките на НАТО како неприфатливи додавајќи дека Москва ја поткопува меѓународната безбедност.
Русија негираше дека го нарушила воздушниот простор на Естонија, додека инсистираше дека полскиот упад не бил намерен, а не коментираше за инцидентот во Романија.