Русија за помалку од две недели го наруши воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија со беспилотни летала и борбени авиони, наводи кои Москва ги отфрли како лажни
Руски воен авион прелетал над фрегата на германската морнарица во Балтичкото Море, изјави денеска министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, оценувајќи го инцидентот како уште една провокација од Москва, пренесуваат светските медиуми.

„Упадите на руски беспилотни летала и борбени авиони длабоко во полскиот и естонскиот воздушен простор и прелетувањето над германска фрегата во Балтичкото Море во рок од неколку дена јасно покажуваат дека Русија буквално ги тестира своите граници, вклучително и оние што им припаѓаат на земјите членки на НАТО, со зголемена фреквенција и интензитет“,
изјавил Писториус.
Министерот ова го кажал за време на неговото обраќање во Бундестагот, во кое побарал поддршка од пратениците за одобрување на буџетот на Министерството за одбрана за 2026 година.
Писториус рекол дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ги провоцира земјите членки на НАТО и да ги идентификува и искористи наводните слабости на НАТО-алијансата.
Сепак, како што додал Писториус, рускиот претседател греши со ваквите намери.
„Алијансата одговори на руските провокации со јасно единство и решителност, но во исто време и со потребната смиреност, што е особено важна овие денови“,
рекол германскиот министер за одбрана.

Инаку, предлогот на германската влада за буџетот за 2026 година вклучува 82,69 милијарди евра редовни апропријации и дополнителни 25,51 милијарди евра за посебниот воен фонд креиран по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Во буџетот за 2025 година редовните апропријации изнесуваа 62,43 милијарди евра, а посебниот фонд тежеше 24,06 милијарди евра.
Русија за помалку од две недели го наруши воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија со беспилотни летала и борбени авиони, наводи кои Москва ги отфрли како лажни.
Министрите за надворешни работи на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) вчера одржаа состанок на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничка изјава ги осудија руските упади на териториите на членките на НАТО како неприфатливи додавајќи дека Москва ја поткопува меѓународната безбедност.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Њујорк изјави дека членките на НАТО треба да соборат руски авиони доколку тие навлезат во воздушниот простор на Алијансата.
