Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“, е под реден број 9, а опозицискиот СДСМ ќе се најде на редниот број 5 на гласачкото ливче
Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница со ждрепка го утврди редоследот на гласачкото ливче за претстојните избори за градоначалници и за советници, односно редниот број под кој ќе настапат парламентарните, вонпарламентарните партии и коалиции и независните листи на годинашните локални избори.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“, ќе настапи под реден број 9, а опозицискиот СДСМ ќе се најде на редниот број 5 на гласачкото ливче.
Листата на првите девет броеви на гласачкото ливче ја пренесуваме во продолжениe:
- Коалиција „Искуство за успех“
- Движење за наша Македонија (ЗНАМ)
- Демократска партија на Србите во Македонија
- Коалиција „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ)
- Коалиција за локални избори 2025 – СДСМ
- Левица
- Коалиција ВЛЕН
- Коалиција за зелена иднина
- Коалиција „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ
На првите девет места од гласачкото ливче се наоѓаат парламентарните партии и коалиции, редните броеви од 10 до 33 ќе ги заземат вонпарламентарните политички партии и коалиции, а независните кандидатски листи на гласачкото ливче ќе бидат на редните броеви од 34 до 153.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот изборен круг на 2 ноември.