Владејачката партија обвини дека СДСМ ја злоупотребува смртта на младата девојка за политички цели, што, како што велат, е надвор од сите морални основи
ВМРО-ДПМНЕ го обвини опозицискиот СДСМ дека наводите оти убиената Росица Коцева му праќала СМС-пораки на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со кои барала помош од него се тотална измислица.

„Пораките за кои СДС зборува се тотална измислица и фабрикација на нивната кујна за лаги и манипулации. Лагите и манипулациите се најсилното оружје на СДС, таму најдобро се снаоѓаат во недостаток на конкретни политики“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинија дека СДСМ ја злоупотребува смртта на младата девојка за политички цели, што, како што велат, е надвор од сите морални основи и некрофилство од невидени размери.
Претходно денеска, опозицискиот СДСМ упати прашање до министерот за Тошковски дали се точни наводите во јавноста дека убиената Росица пред пет месеци му испратила порака со барање за помош.
Тошковски, пак, во изјава за „Слободен печат“ ги демантираше наводите што се проширија на социјалните мрежи дека велешанката Росица Коцева неколку месеци пред да биде убиена од својот поранешен партнер му испратила СМС-порака на министерот во која барала помош за нејзиниот случај.