Министерот истакна дека новиот „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови“ е прв чекор кон дигитализација на постапката за ставање лекови на позитивната листа

Листата на лекови ќе биде ревидирана двапати годишно и ќе имаме нови лекови. При крај е една од процедурите и се надевам дека набрзо ќе има ревидирање на листата на лекови, истакна денеска министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Оваа најава доаѓа заедно со промоцијата на нов електронски модул кој ќе го дигитализира и транспарентно ќе го прикажува целиот процес.
Министерот Алиу истакна дека новиот „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови“ е прв чекор кон дигитализација на постапката за ставање лекови на позитивната листа.
„Еден од начините за да имаме нов лек на позитивната листа е да се оптимизира процесот и процедурите за да тоа се направи. Со овој систем ние фактички овозможуваме лесен и транспарентен пристап за нов лек на позитивната листа“,
рече Алиу.
За реакциите на пациенти од Клиниката за онкологија, кои велат дека мора сами од аптека да купуваат лек кој чини и по 2-3 000 денари и дали тие пари би им биле рефундирани, Алиу рече дека вчера разговарал со директорот и му било кажано дека на Онкологија има лекови.
„Во случај да има нешто такво, средствата ќе бидат рефундирани“,
рече Алиу.
Новиот информациски електронски модул е изработен од Управата за електронско здравство, а ќе биде достапен на јавен портал. Со него ќе може електронски да се поднесуваат барањата, наместо како досега во хартиена форма. Ова, според министерот, ќе го намали административниот товар и ќе ја зголеми ефикасноста на процесот.
На јавниот портал ќе може во реално време да се следи статусот на секое барање, што ја зголемува транспарентноста. Весна Настеска од Секторот за фармација додаде дека системот ќе претставува централна база на податоци и ќе ги поврзува сите институции и стручни лица вклучени во постапката.