Фон дер Лајен додаде дека на средбата со Трамп станало збор и за состојбата на Блискиот Исток, при што се согласиле дека мора да се стави крај на страдањето на цивилите
Европа и САД ќе работат заеднички за да ги вратат дома исчезнатите деца од Украина и да ја ублажат нивната тешка положба, изјави доцна синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Њујорк.

„Имав добра дискусија со претседателот Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН. Разговаравме за агресијата на Русија врз Украина. Се согласивме за потребата од брзо намалување на приходите на Русија од фосилните горива“,
нагласи Фон дер Лајен.
Според неа, токму ова е и целта на 19. пакет санкции што Европската комисија го предложи во петокот, со кои се предвидува забрана на увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ и се санкционираат трговци со нафта и рафинерии во Русија и во трети земји. Дополнително, како што нагласи таа, до 2027 година, Европа засекогаш ќе прекине со употреба на руските фосилни горива.
„Исто така, се осврнавме и на провокациите на Кремљ, вклучително и на постојаните упади во европскиот воздушен простор. Ова се јасни обиди да се тестира нашиот одговор“,
истакна Фон дер Лајен.
Токму поради ваквите случување, според претседателката на ЕК, ЕУ ги засилува одбранбените напори за зајакнување на своето источно крило, бидејќи „мора да дејствува како штит и за Европа и за НАТО“.
Фон дер Лајен додаде дека на средбата со Трамп станало збор и за состојбата на Блискиот Исток, при што се согласиле дека мора да се стави крај на страдањето на цивилите.
„Европа стои цврсто обединета зад решението за две држави“,
додаде претседателката на Европската комисија.