Арапските земји повикаа на итен прекин на она што го нарекуваат геноцидна војна на Израел во Појасот Газа, која е на прагот да влезе во втората година.

Кувајскиот престолонаследник, шеикот Сабах Халед Ал-Хамад Ал-Сабах, зборувајќи во име на земјите од Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), на отворената седница на Советот за безбедност на ОН, изјави дека состанокот се одржува во време на едно од најтемните поглавја од трагедијата во Газа. Тој ги истакна „задушувачката и неправедна блокада“, масовното уништување и смртта на повеќе од 60 000 цивили, претежно жени и деца.
„Ситуацијата во Газа е жив пример за геноцид и етничко чистење, отворена рана што не може да се игнорира“,
рече Сабах, повикувајќи го Советот веднаш да ја запре агресијата, да обезбеди итен хуманитарен пристап и да преземе практични мерки за заштита на цивилите.
Постојаниот претставник на Египет во ОН Осама Абделхалек, рече дека Каиро избегнал ескалација и покрај, како што посочи, бројните провокации од страна на Израел, бидејќи е убеден дека е потребен прекин на огнот. Тој го критикуваше она што го нарече тврдоглаво инсистирање на Израел за продолжување на војната и повика на итно прекинување на хуманитарната катастрофа.
Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур, изјави:
„Палестинците не се недлуѓе. Ние заслужуваме живот, слобода и достоинство. Злосторствата што Израел ги извршува против нашиот народ во Газа не можат да се оправдаат под никакви околности.“
Тој додаде дека Палестинците и Израелците не смеат да бидат осудени на бесконечна војна и повика на прекин на геноцидот, присилното раселување и анексиите.
Генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Геит, изјави дека целите во Газа се јасни: да се уништи палестинското општество и целата територија да се направи ненаселива, принудувајќи го населението да бега. Тој предупреди дека попуштањето пред таквиот план сериозно ја поткопува легитимноста на Советот за безбедност и неговата улога во одржувањето на меѓународниот мир и повика на морални и практични мерки за запирање на војната.
Арапските делегации повикаа на итни чекори за заштита на цивилите, брзо отворање на хуманитарни коридори и прекин на блокадата, која, според нив, ја влошува хуманитарната катастрофа во Газа.