„По неколку барања од новинарите кои известуваат во областа на здравство и кои во неколку наврати се обратија до ЗНМ за ова прашање, денеска била повикана само агенцијата МИА за снимање на клиниката, додека останатите медиуми не биле официјално поканети“, наведуваат од Здружението на новинари
Наводите на ЗНМ ги демантираа од Владата, велејќи дека во ниту еден момент не било направено селективно информирање на медиумите или ограничување на нивниот пристап до информации од јавен интерес
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради, како што велат, самоволието и непрофесионалното однесување на Министерството за здравство и неговите служби за односи за јавност кои денеска не им овозможиле присуство на медиумите при посетата на Клиниката за пулмологија и алергологија.

„Имено, по неколку барања од новинарите кои известуваат во областа на здравство и кои во неколку наврати се обратија до ЗНМ за ова прашање, денеска била повикана само агенцијата МИА за снимање на клиниката, додека останатите медиуми не биле официјално поканети. Ова јасно покажува ограничување на пристапот до настани од јавен интерес, создава впечаток на дискриминација и отвора сомнеж за можност за прикривање на информации“,
велат од ЗНМ.
Здружението повика на итна ревизија на практиките на Министерството за здравство и побара на сите медиуми да им се овозможи пристап до информации од јавен интерес.
Наводите на ЗНМ ги демантираа од Владата, велејќи дека во ниту еден момент не било направено селективно информирање на медиумите или ограничување на нивниот пристап до информации од јавен интерес.
„Станува збор за ситуација во која медиум пред просториите на Клиниката за пулмологија и алергологија побарал изјава, по што – во духот на транспарентноста изјавата беше дадена. Тоа не претставува официјална покана упатена кон еден медиум, туку практика на отвореност кон секој кој ќе побара информација“,
велат од Владата.
Алудирајќи на наводите на ЗНМ, од Владата посочија дека пред изнесување јавни квалификации, сите недоразбирања треба да бидат разјаснети преку непосредна комуникација со институциите.