„Она што се преземаат како чекори од наша страна во целост постапуваме согласно законот и согласно важечките правилници кои повторно ќе кажам дека се донесени во времето кога власт во Македонија беа ДУИ и СДСМ“, вели министерот

ДУИ имаа можност во минатото да го имплементираат Законот за употреба на јазиците што е од 2018 година, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Изјавата на Тошковски доаѓа како одговор на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има двојазични униформи откако денеска тоа го побараа од Демократската унија за интеграција. Барањето на ДУИ следува по објавувањето на тендерот за набавка на нови униформи за полициските службеници, а во кој се предвидува натписите и симболите на униформите да бидат само на македонски јазик.
„Тој закон е од 2018 година донесен. ДУИ имаа можност во минатото да покажат негова имплементација. Она што се преземаат како чекори од наша страна во целост постапуваме согласно законот и согласно важечките правилници кои повторно ќе кажам дека се донесени во времето кога власт во Македонија беа ДУИ и СДСМ“,
рече Тошковски.
МВР во петокот го објави тендерот според кој ќе набавува виндјакни, теренски униформи, чевли и чизми за полициските службеници. Како што соопштија вчера од Министерството, со тоа македонската полиција ќе се ребрендира бидејќи старите, непрактични и нефункционални униформи ќе бидат заменети со модерни и квалитетни, по теркот на европските полиции.
Според интегративците, пак, станува за скандалозна одлука, која, како што наведуваат, претставува флагрантно кршење на принципите на Охридскиот рамковен договор и на Законот за употреба на јазиците, која гарантира еднаквост и двојазичност во државните институции, особено на полициските униформи.
Од ДУИ велат дека не станува збор за изолиран случај, туку континуитет на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што наведуваат, ја иницирало постапката во Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.