СДСМ бара од Министерството за образование веднаш да обезбеди и да ги достави учебниците до училиштата во најкраток можен рок и велат оти родителите не се должни да печатат материјали, ниту, пак, наставниците да импровизираат

Опозициската СДСМ ги обвини актуелната власт и Министерството за образование и наука (МОН) за неисполнување на ветувањето за навремена испорака на учебници.
Според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, иако помина еден месец од почетокот на учебната година, голем број ученици сè уште немаат обезбедени учебници.
„Власта ветуваше дека секој ученик од 1 септември ќе има учебник, но септември одминува, а власта излажа. Учебници нема“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Таа истакна дека илјадници ученици се принудени да учат без книги, а оние што ги имаат се оштетени и стари.
Според СДСМ, родителите не се должни да печатат материјали, ниту, пак, наставниците да импровизираат. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, прво, како што рече Кузеска, зборуваше за решавање на проблемот преку донации, за потоа да им порача на учениците и родителите да користат ПДФ-формати достапни на интернет.
СДСМ бара од Министерството за образование веднаш да обезбеди и да ги достави учебниците до училиштата во најкраток можен рок. Партијата смета дека обврска на МОН е да има план, логистика и контрола за да се гарантира дека секое дете во Македонија ќе учи од учебник.
„Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината на нашите деца и на целиот образовен систем“,
рече Кузеска.
Таа побара одговорност од министерката Весна Јаневска за, како што наведе, „лагата и оставањето на учениците без основното право на квалитетно образование“.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера рече оти учебници се испорачани во сите училишта што тоа го побарале, а онаму каде што недостасуваат, бидејќи не биле навреме пријавени потребните тиражи, проблемот се решава на друг начин.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска информира дека тие како Министерството побарале од издавачките куќи да им ги достават во ПДФ-формат учебниците што недостасуваат и оти во тек е нивно поставување на веб-страницата на Педагошката служба при МОН.
Јаневска, дополнувајќи се во одговорот, уште еднаш беше децидна дека секој учебник што е побаран од Министерството е обезбеден и оттука, додаде, не ги прифаќа тврдењата дека учебници нема.