Кимел, чест критичар на Трамп, беше критикуван поради изјавата во епизодата емитувана минатиот понеделник, 14 септември, во која тој сугерираше дека осомничениот за убиството на Чарли Кирк, Тајлер Робинсон, е поддржувач на Доналд Трамп
Џими Кимел се враќа на телевизиските екрани во вторник откако неговата емисија беше суспендирана поради коментарите што ги даде за смртта на Чарли Кирк, соопшти Дизни.

„Минатата среда донесовме одлука да ја суспендираме продукцијата на емисијата со цел да избегнеме понатамошно разгорување на напнатата ситуација во емотивен момент за нашата земја. Ова беше одлука што ја донесовме бидејќи сметавме дека некои од коментарите беа ненавремени и затоа нечувствителни. Во изминатите неколку дена имавме внимателни разговори со Џими и по тие разговори донесовме одлука да ја вратиме емисијата во вторник“,
се вели во соопштението на Дизни.
Шоуто на Џими Кимел вечерва се емитува на мрежата Еј-би-си, во сопственост на Дизни.
Кимел, чест критичар на Трамп, беше критикуван поради изјавата во епизодата емитувана минатиот понеделник, 14 септември, во која тој сугерираше дека осомничениот за убиството на Чарли Кирк, Тајлер Робинсон, е поддржувач на Доналд Трамп.
„Дојдовме до ново дно во текот на викендот, а бандата МАГА очајно се обидуваше да го окарактеризира ова дете кое го уби Чарли Кирк како сè друго освен свое и правеше сè што можеше за да добие политички поени од тоа“,
рече Кимел.
Водителот ја искористи и можноста да се потсмева на реакцијата на Доналд Трамп на смртта на Кирк. Тој прикажа клип во кој претседателот, кога го прашале како се справува со трагичниот настан, зборува за реновирањето на Белата куќа.
„Во петокот, Белата куќа ги спушти знамињата на половина копје, што предизвика критики, но на човечко ниво, можете да видите колку тешко претседателот го поднесува ова“,
иронично коментираше Кимел.
Во клипот, Трамп рече дека се справува прилично добро, додавајќи:
„И патем, каде што ги гледате сите камиони, тие штотуку започнаа со изградба на новата балска сала за Белата куќа“.
По клипот, Кимел додаде:
„Да, тој е во четвртата фаза на тага, изградбата. Ова не е начинот на кој возрасен тагува за убиството на некој што го нарекувал пријател. Ова е начинот на кој четиригодишно дете тагува за златна рипка, во ред?“