Макрон ја соопшти одлуката на отворањето на Конференцијата за мирно решавање на палестинското прашање и примената на концептот за две држави
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска на Генералното собрание на Обединетите нации објави дека Франција ја признава државата Палестина.

Тој ја соопшти одлуката на отворањето на Конференцијата за мирно решавање на палестинското прашање и примената на концептот за две држави.
„Доаѓа моментот да го запреме насилството. Доаѓа моментот за мир. Ангажманот кон мирот е единствениот пат кон спасение“,
изјави Макрон.
Францускиот претседател истакна дека ова признавање отвора пат за мирно решавање на конфликтот на Блискиот Исток.
Тој ги осуди нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година, но нагласи дека ништо не го оправдува продолжувањето на војната и дека сè диктира таа дефинитивно да заврши. Макрон повика на мир заснован на решение за две држави кои живеат една до друга.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро реагираше велејќи дека признавањето дава огромна награда за тероризмот и дека палестинска држава нема да се случи.
Палестинската самоуправа, пак, изјави дека решението за две држави сега е на неповратен пат.
Од 193-те земји членки на ОН, 153 сега ја признале Палестина, што е речиси 80 проценти.
Велика Британија го предупреди Израел да не бара анексија на делови од Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската државност.
Се очекува неколку други европски земји да го следат примерот на Франција, додека Германија, Италија и САД веќе изјавија дека нема да го сторат тоа.