Властите за нападот ја обвинија бандата Лос Лобос Бокс, која сè уште се нема огласено за инцидентот. Бандите во еквадорските затвори често вршат криминални операции од своите ќелии и во последниве години формираа сојузи со мексикански наркокартели за да ги контролираат патиштата за шверц на кокаин преку еквадорските пристаништа до САД и Европа

Најмалку 13 затвореници и еден чувар се убиени, а 14 други се повредени во крвав судир меѓу сопернички банди во затвор во еквадорскиот град Мачала, соопшти полицијата.
Жителите на градот денеска рано наутро слушнале експлозии и пукотници од затвор кој и претходно бил место на судири. Шефот на полицијата Вилијам Кале изјави дека голем број затвореници избегале за време на инцидентот, но 13 брзо биле повторно фатени.
Првичните извештаи велат дека тепачката избувнала кога чуварите добиле повик за помош од крило на затворот. Кога пристигнале, затворениците ги заробиле и убиле еден чувар. Потоа членовите на бандата Лос Лобос Бокс упаднале во крилото каде што биле нивните соперници и ги нападнале.
Некои затвореници успеале да избегаат низ дупка во надворешниот ѕид создадена од експлозија на поставена направа. Сè уште не е познато како експлозивната направа била внесена во затворот. Двајца полицајци биле меѓу повредените, информира Кале.
Потребни биле 200 полицајци и војници за да се воспостави ред.
Властите за нападот ја обвинија бандата Лос Лобос Бокс, која сè уште се нема огласено за инцидентот. Бандите во еквадорските затвори често вршат криминални операции од своите ќелии и во последниве години формираа сојузи со мексикански наркокартели за да ги контролираат патиштата за шверц на кокаин преку еквадорските пристаништа до САД и Европа.
Телевизиската станица Екуависа објави дека жителите на Мачала долго време бараат затворот, кој се наоѓа во срцето на градот, да се дислоцира.
Еквадор се соочува со бран насилство во последните години, со што се трансформира од една од најбезбедните земји во Латинска Америка во една од најопасните. Претходно овој месец, САД означија две еквадорски банди, Лос Лобос и Лос Чонерос, како терористички организации. Американскиот Стејт департмент изјави дека нивната крајна цел е да ја преземат контролата врз патиштата за шверц низ Еквадор преку терор и брутално насилство врз еквадорскиот народ.