Според владејачката партија, расипаниот радар во контролата на летање не само што не ја загрозува безбедноста на патниците, туку и аеродоромот продолжува да си работи непречено според утврдените протоколи
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оценува како ширење паника реакциите на нивниот политички опонент, опозицискиот СДСМ, во врска со расипаниот радар во контролата на летање на скопскиот аеродром.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција рече дека расипаниот радар во контролата на летање е последица на „насилното вдомување партиски кадри“ во една од најважните институции за безбедноста на сите. Според ставот на опозициската партија, македонското небо е под ризик, а власта била глува на предупредувањата на контролорите на летање дека клучната опрема, вклучувајќи ги радарите и софтверот, е на работ на функционалност.
Од друга страна, пак, во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Кузеска, се вели дека на наводите од опозицијата гледаат како „на сценарио за кревање паника, слично на палењето на депониите во Скопје, од кое ќар имаат само СДС за да ја покријат безидејноста и неспособноста“.
„Венко Филипче и СДС намерно креваат лажна паника за наводно нарушена безбедност на скопскиот аеродром. Каква врска имаат партиите со тоа што се расипал радар, што може да се случи на било кој аеродром во светот?“,
се вели во писмената реакција од владејачката партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, расипаниот радар не само што не ја загрозува безбедноста на патниците, туку и аеродромот продолжува да си работи непречено според утврдените протоколи. Оттаму додаваат дека ниту една реномирана авиокомпанија која оперира на скопскиот аеродром не се пожалила, ниту ги откажала летовите.
„Што се однесува до партизираноста на М-НАВ, само да потсетиме дека каубојците од ДУИ се тепаа на работно место, а пајташите на СДС вработија 70 партиски војници во оваа институција“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера дел од медиумите објавија дека е расипан радар на М-НАВ на аеродромот во Скопје и дека од вчера наутро контролорите на летање не можат да ги гледаат авионите на мала висина кога слетуваат.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, ја потврди информацијата дека радарот е расипан и посочи дека работата се одвива тековно, но со побавно темпо.
Од Македонската навигација денеска рекоа дека се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и додаваат дека во моментов оваа околност нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.