„Кога се работи во колективен орган, секогаш по дефиниција е посложено, меѓутоа тој момент се обидуваме со сопствениот интегритет, професионалност и одговорност да го преточиме во предност, затоа што повеќе глави се попаметни“, вели претседателот на Државната изборна комисија во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Петмина од седум члена на ДИК беа и во претходниот состав, што би се рекло, се знаете, имате континуитет, а двајца нови членови добивте кон крајот на минатата година. Во каква атмосфера работи Државната изборна комисија, има ли тензии меѓу членовите, бидејќи доаѓате на предлог на различни политички структури?
Кондарко: Работиме во нормална атмосфера. Ние сме прво колективен орган, спецификата на колективните органи е позната. Второ, точно е дека сме предложени од различни политички партии и тоа неслучајно е така дефинирано во Изборниот законик, пред се поради оној принцип на ’чекс енд балансис’ и доверба во изборниот процес. И тоа добро функционира, работиме во нормална атмосфера. Кога се работи во колективен орган, секогаш по дефиниција е посложено, меѓутоа тој момент се обидуваме со сопствениот интегритет, професионалност и одговорност да го преточиме во предност, затоа што повеќе глави се попаметни, гледаме да ги решаваме проблемите на тој начин колегијално и секогаш е добро кога за одредени проблеми сме повеќе луѓе што можеме меѓу себе да се консултираме и да размениме мислења.
360°: За за јавноста досега имаше еден видлив случај во кој членката на ДИК, Дитмире Шеху, не даде согласност за Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на совет на општина, односно Град Скопје. Таа дури поднесе и тужба до Управниот суд, кој веќе се произнесе и ја отфрли. Таа приговараше на работа којашто веројатно и за неправници е јасно дека не беше работа на ДИК, дека е поврзана со резултатите од последниот попис и консеквентно на тоа одлука на Владата со која во 17 општини е променет бројот на советници. Во три е зголемен бројот на советници, а во 14 општини е намален бројот на советници во согласност со бројот на резиденти од последниот попис. Што мислите вие за реакцијата на колешката од ДИК?
Кондарко: Ќе се надоврзам на претходниот одговор, пак ќе кажам, не е ниту тајна, ниту срамота дека ДИК е составена по предлог на различни политички партии од власта и опозицијата. Меѓутоа, ние работиме прво транспарентно, отворено, сите седници се јавни, се пренесуваат на јутјуб-каналот, меѓународните набљудувачи имаат право да присуствуваат на сите наши седници каде што се донесуваат сите одлуки. И без разлика од каде сме предложени, ние имаме огромна одговорност затоа што сме избрани од Собранието со двотретинско мнозинство, тоа е мнозинство со кое се носи Уставот на државата. И без разлика од каде сме предложени или од која партија, нашата обврска е прво да работиме согласно закон и до тоа се придржуваме. Не е исклучено да имаме и различни мислења, правнички и така натаму, но битни се, пак ќе речам, не само гласањето, туку и образложенијата што ги даваме при носење на нашите одлуки. Во конкретниот случај за носењето на одлуката за утврдување на бројот на советници по општините, согласно податоците од последниот попис, произлегува од обврските на Владата која ги има согласно Законот за локална самоуправа. Така било и во минатото, по пописот во 2002 г., Владата во 2004 г. донела иста таква одлука, каде што го определила бројот на советници во соодветните општини.
360°: По пописот во 2002, а пред локалните избори во 2005 г., бидејќи тогаш се одржаа.

Кондарко: Беа одложени за една година, од 2004 за 2005 г. беа одложени изборите локални, меѓутоа таа одлука, бидејќи во меѓувреме 19 години немаше попис, беше до денес, беше на сила и за локалните избори 2021 и тие се спроведоа по таква одлука на Владата со која е определен бројот на советничките места. Значи, дебатата беше дали ние треба како ДИК, како институција избрана од Собранието, да оценуваме или да преиспитуваме, да навлегуваме во законитоста или легитимноста на одлуки на други надлежни државни органи. Ставот на мнозинството беше дека немаме овластување да го правиме тоа, одлуката на Владата можеби е добра, можеби не е, но таа е во правна сила и ние сме во изборен процес каде што течат изборни рокови, ниту смееме да навлегуваме, да истражуваме, да ја оценуваме, не сме ниту Уставен суд да ја преиспитуваме, ниту да ја укинуваме, ниту да ја поништуваме. Се додека таа од надлежна институција не биде евентуално проверена, преиначена или укината, ние сме должни да ја применуваме. Во тоа се состоеше спорот и различното мислење при гласањето по таа точка од дневниот ред.
360°: На јавноста да и биде јасно за што зборуваме, со таа одлука на Владата од септември минатата година, зголемен е бројот на советници во општините Кисела Вода, Карпош и Студеничани, а намален е во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јагуновце, Ново Село, Теарце, Центар Жупа. Е сега, точно е дека најголемо намалување има во Гостивар, каде од 31 е намален на 23, но тоа е консеквентно на тоа што бројот на резиденти од пописот во 2002 кога бил над 80 000, сега е некаде околу 60 000 во Општината Гостивар и поради тоа и ваквата одлука на Владата.
Кондарко: Па добро, сега не е мое да навлегувам, Владата се раководела по таа методологија од фактичката ситуација донела таква одлука. Ние имаме таков акт, така постапивме.
360°: Да, забелешките се дека требало да се земат предвид и нерезидентите.
Кондарко: Апсолутно тоа не е работа на ДИК – дали требало да се…, дали некој друг орган требало да ги земе или не требало да ги земе резидентите или нерезидентите.