Десет од денешните 127 нови случаи со ковид-19 се во Тетово, а од општинскиот Кризен штаб информираа дека тие се од веќе познати два кластера. Шест лица се од Општина Теарце, а четири од Општина Боговиње.
Од почетокот на епидемијата досега во Тетовско се регистрирани 292 случаи од кои 136 се веќе оздравени, а 24 се починати.
По општини, најмногу дијагностицирани се во Тетово – 159. Понатаму, Боговиње – 58, Теарце – 36, Брвеница – 19, Јегуновце – 13 и Желино – 7.
Во изолација во моментов се наоѓаат вкупно 588 лица, во самоизолација се 114, а во државен карантин на Попова Шапка има 44 лица.
„Го повторуваме нашиот повик до граѓаните во овој период да покажат дополнителна грижа и одговорност во однос на заштитните мерки, носење маска, одржување физичка дистанца и редовно миење раце. Избегнувајте посети дома и слични групирања. Исто така апелираме за време на епидемиолошките истражувања граѓаните да бидат искрени и да даваат точни информации во врска со контактите што ги имале со трети лица, со оглед на фактот дека превенцијата е најдобриот начин за борба против вирусот“,
апелираат од Кризниот штаб.
Оттаму велат дека очекуваат наскоро Комисијата за заразни болести да го ослободи организирањето на меѓуградски превоз од градот и околните општини.
