Министерката за образование Весна Јаневска посочи дека доколку од министерствата за животна средина и за здравство добијат информација за промена на состојбата со квалитетот на воздухот, учениците повторно би се вратиле на онлајн настава
Учениците од четирите основни училишта во скопско Трубарево од денеска се враќаат на настава со физичко присуство, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Со одлука на Владата и на Министерството за образование и наука (МОН), минатата недела околу 1 800 ученици од Трубарево следеа онлајн настава откако на 13 септември изби пожар во фабриката „Ф-групација“, каде што гореше електричен и електронски отпад.
„Учениците од четирите училишта во Трубарево од денеска се на настава со физичко присуство“,
изјави Јаневска.
Министерката додаде дека доколку од ресорните министерства за животна средина и за здравство добијат информација за промена на состојбата со квалитетот на воздухот, учениците и наставниците повторно би се вратиле на онлајн настава.
„Но, засега нема опасности и тие ќе си одат со физичко присуство затоа што нема подобра настава и не се постигнуваат подобри успеси на учениците освен со физичко присуство“,
изјави министерката.
Минатата недела онлајн настава следеа учениците од основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“, кои се на територијата на општина Гази Баба.