Од тетовското јавно обвинителство велат дека веднаш по настанот бил известен јавен обвинител дека во болницата имало инцидент со оштетување на имот, а откако била утврдена причината веднаш била издадена прво усна, а потоа и писмена наредба за обдукција

Јавен обвинител од ОЈО Тетово издал писмена наредба за обдукција на телото на седумгодишното девојче од тетовското село Челопек што вчера почина во Клиничката болница во градот.
Наредбата за обдукција следува откако вчера од болницата побарале таа да се изврши, но семејството на починатото девојче одбило да се спроведе.
Од тетовското јавно обвинителство велат дека веднаш по настанот бил известен јавен обвинител дека во болницата имало инцидент со оштетување на имот, а откако била утврдена причината веднаш била издадена прво усна, а потоа и писмена наредба за обдукција.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека кај нив нема стигнато никаква пријава од граѓани и оти единствено од Клиничката болница телефонски ги информирале за случајот.
„На 21.09.2025 година во СВР Тетово од Клиничка болница Тетово, било пријавено дека во Одделот за анестезија било донесено осумгодишно девојче без знаци на живот, кое претходно било во Одделот за педијатрија при Клиничка болница Тетово. Веднаш било постапено во однос на пријавата и бил известен јавен обвинител, при што било констатирано дека од страна на семејството не било дозволено да се изврши обдукција и телото на починатото девојче го земале за погреб“,
велат од СВР Тетово.
Оттаму додаваат дека во содејство со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
За случајот со седумгодишното девојче денеска информираа од Клиничката болница од каде рекоа дека девојчето од тетовското село Челопек било примено на Одделението за педијатрија во саботата, а починало во неделата и покрај сите напори на медицинскиот тим.
Од болницата рекоа дека веднаш биле преземени сите неопходни мерки и медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза и оти аа време на третманотбила побарана помош од Одделението за оториноларингологија за аспирација на секрети од усната празнина. За жал, за време на интервенцијата, девојчето не покажало знаци на реакција, по што веднаш било префрлено на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега. И покрај максималните напори за реанимација, медицинскиот тим не успеал да ја спаси.
По ова семејството на девојчето не дозволило да се изврши судско-медицинска обдукција.