Австрија вторпат во рок од еден месец обезбеди донација за нашата земја како поддршка во борбата против ковид-19.
Помошта од 500 пакети со средства за лична хигиена за петчлено семејство е обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија (УЦПМ) и Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди на НАТО (ЕАДРЦЦ).
Како што соопшти МНР, заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, денеска во касарната „Гоце Делчев” во Скопје ја прими донацијата во присуство на амбасадорот на Австрија во земјава Георг Вуцас и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ.
Амбасадорот Вуцас најави дека ќе следи дополнителна помош од страна на Австрија, а во фокусот на австриската „ковид-19 помош“ ќе бидат земјите од Западен Балкан. Воедно, тој потсети и на австриската понуда за прием на пациенти од Северна Македонија во австриските болници, за кои е неопходен итен болнички прием и интензивна нега.

„Вирусот не препознава граници и само заедно можеме да го совладаме. Австриската помош пристигна во вистинско време и за вистинска намена, имајќи предвид дека во периодот што следи ќе имаме потреба од вакви средства во големи количини“,
рече Жерновски, при што потенцираше дека денешната помош од Австрија не претставува случајност, туку континуитет на добрите меѓусебни односи.

Северна Македонија како членка на НАТО го активираше механизмот за цивилна заштита во услови на вонредни состојби на Евроатлантскиот центар за координиран одговор во случаи на катастрофи и во таа насока во неколку наврати доби неопходна асистенција од страна на своите сојузници преку овие механизми.
Австрија и претходно обезбеди помош за земјава која се состоеше од шатори, ќебиња, генератори за електрична енергија, душеци и постелнина за еднократна употреба.
