Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна, рече Мицкоски
Треба да се пресметаат посебни потрошувачки кошнички – за самец, за млад брачен пар, за тричлено и четиричлено семејство, како и за пензионери, вели премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцира дека останува на ставот за промена на пресметката за потрошувачката кошничка. Според него, трошоците на различни категории граѓани не се исти и не може исто да се третираат.
„Сето ова треба да го имаме на ум зашто потребите на млад брачен пар и на пар пензионери не се исти. Не може една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки“,
посочи Мицкоски.

На последната седница на Економско-социјалниот совет , како што рече, имало дискусија по ова прашање и формирана е работна група со Министерството за економија и труд.
„Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна. Генерално, таква кошница која ќе одговара на потребите на граѓаните треба да излезе“,
рече Мицкоски.
Вчера ССМ излезе со пресметка дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за септември 2025 година изнесува 65 077 денари, што претставува намалување за 430 денари споредено со август годинава, кога беше 65 507 денари.
Од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23 394 денари или 35,9 отсто, за облека и обувки 5 725 денари или 8,8 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6 096 денари или 9,4 отсто. За лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2 636 денари или 4,0 отсто, за транспорт 4 716 денари или 7,2 отсто, за комуникации 3 417 денари или 5,3 отсто, за здравје 1 174 денари или 1,8 отсто.
На едно четиричлено семејство, според пресметките на ССМ, во септември за образование му биле неопходни 7 097 денари или 10,9 отсто, рекреација и култура 5 592 денари или 8,6 отсто, за ресторани и хотели 4 131 денари или 6,3 отсто и за останати стоки и услуги 1 100 денари или 1,7 отсто.