ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз синдикатите, работниците и семејствата кои сакаат да се организираат и јавно да изразат незадоволство, вели Филипче
Наместо директна поддршка за граѓаните, власта врши притисок врз нив да не зборуваат за реалните проблеми, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од партиски состанок во Струга со кандидатите за градоначалници и советници за претстојните локални избори. Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз синдикатите, работниците и семејствата кои сакаат да се организираат и јавно да изразат незадоволство.

„Ги притискаат и нема да излезат во јавност. Со сите зборуваме, со синдикати и работници, сите да се плашат. Им се закануваат на телефон, дома им праќаат полиција. Во Кочани, кај семејствата, полицајци влегуваа кај семејствата после пожарот. Да нема протести, да нема никаква организација. Имаме работа со истиот систем што го практикуваше Никола Груевски, ама исто идентично, на ниво на водење на државата, на ниво на менаџирање на потребите на граѓаните“,
рече Филипче.

Во обраќањето, Филипче кажа дека СДСМ ќе се фокусира на политики на солидарност и грижа за граѓаните.
„Ќе продолжиме отворено, транспарентно, инклузивно, на секој ќе му биде отворена вратата да има шанса да даде предлог, да биде слушнат. Никој нема да биде дискриминиран по ниту една основа, ниту партиска, без разлика на која партија припаѓал. Во времето на претходното владење на ВМРО-ДПМНЕ немаа луѓето со што да споредат, сега имаат. Сега може да ја почувствуваат разликата“,
додаде Филипче.